По 22 години се регулираат правата на Шумската полиција: Потпишан колективен договор – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/21 3:07 PM

По 22 години се регулираат правата на Шумската полиција: Потпишан колективен договор

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беше потпишан Колективен договор со кој се уредуваат статусот, правата, обврските и одговорностите на вработените.

Како што рече министерот Арјанит Хоџа, со Колективниот договор воедно прв пат системски ќе се регулираат правата и обврските за личен доход на овластените службени лица во Шумската полиција што треба да е мотив повеќе во бескомпромисната борба против незаконската сеча.

-Прв пат се регулира и правото за добивање 30 отсто додаток за компонента, ниво за овластени службени лица поради видот, природата и сложеноста на работите, тежината и посебните услови во кои тие се извршуваат, подвлече Хоџа.

Со Колективниот договор за сите вработени во Министерството се регулира правото за надомест за дополнителни овластувања и се регулира надоместот за работа во комисии надвор од описот на работното место.

-Колективниот договор ќе ги подобри правата на вработените, но во исто време ќе овозможи поголема ефикасност и мотивираност во извршување на нивните секојдневни работни обврски. МЗШВ и Владата и во услови на глобална пандемија прават максимални напори да ги подобрат условите за работа во Министерството, рече Хоџа.

Според претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Пецо Грујовски, со Договорот конечно финишира неколкугодишната акивност на колективното договарање, а најбитно од се е дека со него се регулираат платите.

Грујовски напомена дека ова е прво Министерство кое потпишува Колективен договор на ниво на работодавач.

– Со Договорот се регулираат сите отворени прашања. Се надевам дека министерот, како работодавач, доследно ќе ги почитува и како што веќе нагласи, ова е дополнителен стимул за извршување на задачите на сите вработени, посебно на Шумската полиција. Со Договорот се унапредени многу права, особено во делот на платите, подвлече Грујовски.

МИА