(ВИДЕО) Магија на Кари против Орландо, Стеф погоди десет тројки во победата на Вориорс – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/21 10:50 AM

(ВИДЕО) Магија на Кари против Орландо, Стеф погоди десет тројки во победата на Вориорс

Неутралните фанови на НБА посакуваа барем уште еден „танц“ на Кари и Клеј пред да влезат двајцата во длабоки ветерански денови и можеби уште еднаш да освојат титула со Стивен Кер.

За жал повредата на Клеј Томпсон претставуваше голем удар по амбициите на Голден Стејт сезонава, но доколку нешто е позитивно во таборот на Вориорс, тоа со сигурност е враќањето во формата која со години го красеше нивниот најдобар поединец пред повредата, Стеф Кари.

Утрово против Орландо Меџик, неверојатниот Кари забележа 40 поени, а дури триесет од нив беа постигнати од „позади линијата за три“. Покрај рафалната скорерска стрелба, Стеф на свое конто додаде и осум скокови и пет асистенции.

Вориорс победи со 111:105, a тренерот на Меџик, Стив Клифорд, уште пред почетокот на дуелот разговарал со Кари и не штедел зборови во однос на неговата форма и игра сезонава.

-Му кажав дека изгледа одлично, изгледа брзо, изгледа здраво, изгледа како да ужива во ова. Тој игра на исто ниво како претходно, ако не и подобро, изјави Клифорд кој во минатото соработувал со таткото на Стеф, Дел.

Дрејмонд Грин го заврши мечот со успешни додавања, Кели Оубре Џуниор запиша 17 поени и десет скокови. Кај поразените, црногорскиот репрезентативец Никола Вучевиќ постигна 25 поени, 13 скокови и пет асистенции.

 

 

 

 

 

Фото:

heraldextra.com