Умираше сама, затоа што некој сакаше да се весели на мекици – Нина Стојановиќ го обвинува лекарскиот кластер на Нефрологија за смртта на мајка и’ – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/21 9:55 PM

Умираше сама, затоа што некој сакаше да се весели на мекици – Нина Стојановиќ го обвинува лекарскиот кластер на Нефрологија за смртта на мајка и’

Имам корона – ова се зборовите кои плачејќи ги изговорила Лилјана Пејовиќ Стојановиќ во кусиот телефонски разговор со својата ќерка Нина, откако добила позитивен тест. Шеесет и осумгодишната жена уште од почетокот на пандемијата минатата зима била разделена со своето семејство, освен со сопругот. Внучињата ги гледала само преку видео повик на телефонот, знаејќи дека поради сопствената историја на болести, заразата со актуелниот вирус за неа би можела да биде фатална.

Претпоставката за исходот доколку дојде до зараза со вирусот, се покажала како точна. Лилјана го загуби својот живот, за што нејзината ќерка се огласи на социјалните мрежи, ден по погребот.  Таа реагира дека нејзината мајка, која секој втор ден одела на дијализа на Клиниката за нефрологија се заразила од медицински персонал кој организирал мекици во скопска кафеана. За Македонски медиа сервис Нина ја раскажува голготата низ која минува не само таа, туку и целото семејство по големата загуба.

-Мајка ми беше жена борец и тоа, најголем. Од кога знам за себе се мачи со некоја болест, животот не ја штедеше, но секогаш излегуваше како победник, од секоја битка што ја водеше. На дијализа одеше 23 години, се бореше и со рак, а имаше и тешка операција на срце која траеше пет часа. За жал, последната битка ја изгуби. Кога почна пандемијата без дилема знаевме дека нема да се гледаме, бидејќи најважно ни беше да ја заштитиме неа. Внуците ги гледаше на вибер, како моето синче, така и децата на мојот брат. Ритуал и’ беше наутро и приквечер да врти за да ги види и да си зборува со нив. Така помина цел период од почетокот до сегa – раскажува Нина за ММС.

Deneska ja pogrebavme majka mi, pocina od Covid. Cela godina ja pazevme bidejki e vo najrizicnata grupa (20 godini odi…

Posted by Nina Stojanovic on Wednesday, February 10, 2021

 

-Тешко е многу. Пред две недели кога излезе по медиумите дека има кластер на Нефрологија, се пресеков. И’ се јавив и ми кажа дека има сестри и доктори болни, но дека таа многу внимава. Мајка ми маската не ја вадеше, за жал откако се дозна дека има болен персонал помина една недела и почна да чувствува симптоми. Други пациенти кои одеа на дијализа исто така почнаа да се разболуваат. После тоа доживеавме голгота, не ми се ни раскажува за тоа. Веднаш ја хоспитализираа во „Осми септември“ поради нејзината историја на болести – додава ќерката на Лилјана.

Семејството прво мислело дека заразата се случила поради заедничко пиење кафе на медицинскиот персонал. На денот на погребот роднините се шокирале кога дознале дека вработени на Клиниката прославувале во кафеана.

-Не знам повеќе што да додадам, тие треба да се однесуваат  најодговорно, бидејќи работат со најкревката категорија на луѓе, а потфрлија. Мајка ми не е единствен пациент починат од тој кластер, а тоа го дознав откако го напишав статусот на социјалната мрежа Фејсбук – вели Нина.

Таа споделува дека за неа било стресно секое одење на дијализа, бидејќи била загрижена за мајка си.

-Мораше да оди секој втор ден, па дезинфицираше раце цело време, не вадеше маска. Сепак ризикот беше голем бидејќи мораше секој втор ден да оди во болница и да се меша со луѓе. Посебно ми беше стресно кога направија ковид центар на едниот кат и тоа во време на најголемиот пик кога немаше место по болниците – додава нашата соговорничка.

-Заразата за неа беше смртна пресуда, поради сите болести што ги имаше. Шок беше и за неа, ми се јави и плачејќи ми кажа имам корона. Таа знаеше што ја чека, а и веќе и беше смачено од болници. Тешко е многу. Денес бесот ми ја надвладеа тагата, па можам да пишувам. Срцето ме боли бидејќи знам дека умираше сама затоа што некој сакал да се весели во кафеана во услови на пандемија. Цела година не ја гушнав ниту бакнав – растреперено раскажува Нина.

Според неа, никој за ништо не одговара во државата, но сепак нагласува дека морала да го објави напишаното и да и’ порача на мајка си да почива во мир, оти сега е на поубаво место каде што нема да ја боли ништо.

Нејзината објава наиде го голема поддршка, а во еден од коментарите, една девојка споделува дека нејзиниот тетин кој исто така одел на дијализа на Нефрологија починал откако се заразил со коронавирусот, иако ригорозно ги почитувал сите мерки за заштита.

Од Клиниката пак, во изјава за ТВ Телма велат дека го повикуваат семејството да ги достави своите сознанија, со цел да се испита случајот. Оттаму сепак тврдат дека персоналот не организирал групно собирање во ресторан, но не можат да знаат дали некој индивидуално присуствал на сличен собир.