Од моментот кога се дозна за врската на професорот Вело Марковски и екс манекенката Евгенија јавноста не затвори уста, а причината е големата разлика во годините. Озборувачите најмалку очекуваа дека нивната љубов е вистинска и ќе заврши со брак, уште помалку дека ќе оформат семејство. Но, денес, по осум години, по три години врска и пет години брак, иако озборувањата не престанаа, тие уживаат во љубовта заедно со нивните две дечиња, постарото синче Павле и ќеркичката Катерина, која се роди пред 40 дена. Марковски за ММС, во пресрет на Денот на вљубените отворено и искрено прозборе за љубовта со Евгенија, како тие го слават овој празник, како ги надминуваат озборувањата и предрасудите во општеството.
-Во принцип ние не сме многу формалисти, овие празници не ги славиме многу. Порано знаевме да излеземе во некој ресторан на вечера, на вино. Но, сега имаме многу обврски, со мали деца сме и седиме дома. За мене подароците не се израз на љубов, туку вниманието и почитувањето и тоа треба да биде постојано во текот на годината, не само за празници. Секако дека со Евгенија си разменуваме подароци, но тоа најчесто не се скапи работи, може да е некое парче гардероба или нешто симболично. Скапи работи никогаш не сме си подарувале. Евгенија се радува на мали работи, не на големи подароци. Не ја градиме љубовта со скапи подароци.
Што според вас е најголем доказ за љубовта?
-Генерално, можеби малку филозофски ќе звучи, но тоа не се подароците, туку односот меѓу двајцата, почитта. За мене љубовта меѓу двајца е љубов доколку таа врска е успешна, да се надополнуваат еден со друг, да се помагаат. Генерално како заедница да функционираат и двајцата и да напредува семејството. Тоа за мене е идеална дефиниција за љубов. Ако не напредуваат и двајцата и во интимниот и во социјалниот и опшествениот живот, брзо доаѓа до заситување меѓу парнерите и полека полека до одалечување и кавги. Јас и Евгенија сме осма година заедно и цело време напредуваме, се надополнуваме, се поддржуваме. Имавме и турбуленции во животот, меѓутоа останавме со поддршка и почит, без многу разговарања, договоарања и ветувања. Се движиме напред.
Колку за една врска и брак е важен компромисот?
-Карактерите се многу важни. За мене не е битна возраста, туку зрелоста на двајцата партнери, да знаат што сакаат и што им е доволно. Има многу луѓе кои кога ќе го добијат тоа што најмногу го сакаат пак не се задоволни. Потоа се исфрустрирани и имаат проблем. Тука не гледам дали е возрасен или не, туку одговарање на каратерите и добро е да се погодат два карактери, да не бидат кавгаџии. Бидејќи кавгите сами по себе ќе доведат до лош крај на една врска.
Што беше пресудно за вашата врска, момент на она што го велат „клик“, љубов на прв поглед, кога свативте дека сте еден за друг?
-Не беше љубов на прв поглед. Неколку мемсеци се размислувавме дали да почнеме врска. Кога почнавме, почнавме без никакви обврски. Меѓутоа многу брзо, за месец -два многу се врзавме еден кон друг. Секаде одевме заедно, не се разделувавме. За мене мислам дека беше пресуден моментот кога отидовме на одмор. Нели, ќе заминеш на одмор, па секој втор- трет ден се карате, се надмудрувате. Кога со Евгенија после одмор се враќавме ми се случуваше да се сепнам и да си речам- чекај, па ние десет дена поминавме и воопшто не се скаравме, се беше со смеење, со пеење. Одмор без стрес и кавги. Мислам дека не се потребни некакви надмудрувања, зафаќање на позиции, кој е повеќе, кој помалку. За мене совпаѓањето во карактерот беше многу важно. Желбата да се помине убаво, а не да се караме.
Бевте ли свесни во какво опшество живееме и што ве чека понатаму?
-Јас не сваќав дека нешто лошо не чека. Но, мислам дека е тоа минимално. Од некои луѓе кои коментираат, колку да коментираат. Битно е двајцата да функционираат. Не е важно колку, туку да функционираат додека функционираат и да создаваат. А дали ќе бидат заедно пет години или десет или 15 е сосема небитно. Може да бидете со некој кој е идеален и за опшеството и за средината и за вас, а на крај, после 10 или 20 години да видите дека ништо не сте направиле, ништо не сте создале туку сте се гушеле. Ние во опшеството имаме многу предрасуди, од возраст, од вера, нација, припадност, државност, град, село, така да кога ќе видиш сите тие поделби се страшни. Мислам дека не треба да се оптоваруваат луѓето, ако ти е добро, ако функционира, ако ти е убаво, тогаш е ок. Мислам ако нешто не иде не треба по секоја цена да се одржува, поради очекувањето на роднини, околина, општество, вера… Тоа само ќе биде болно, а крајот веќе се гледа. Јас предавам еден предмет за сексуално преносливи болести, сега актуелна тема, и ќе дадам еден пример. Кога двајцата ќе се сретнат, тоа вљубување, хормонски или како хемија, има едно научно објаснување. Има еден хормон кој се вика тестостерон, го имаат и мажите и жените, мажите го имаат 10 пати повеќе. Кога двајцата се допаѓаат тој кај жената се покачува и настанува хормонско усогласување. Тоа хормонско усогласување кое го дала природата, кое и за мене беше интересно, трае три до пет години. После тоа хормоните се враќаат при првобитните вредности и интересно е кога ќе анализираш всушност најголем број од врските се растураат меѓу третата и петата година. Страста завршила. И сега ако меѓу нив нема други интимни, социјални, професионални поврзувања или другарство и почитување, тие врски се распаѓаат. Така се случи и кај нас. Ние после третата година од врската стапивме во брак. Пред тоа бевме релативно, особено за мојата возраст, долго во врска, и тоа е тој критичен период. Затоа не треба ниту прерано да се влезе во брак, ниту предоцна. А по третата, односно петата година ќе дојдат вистинските вредности на личностите.
Треба ли да постојат критични години ако љубовота е градена на цврста основа?
-Да, да, меѓу третата и петата се враќаат хормоните и таа е таа хемија, што и за мене беше интересно. Затоа за мене е многу важно како двајца функционираат. Дали се надополнуваат или се гушат. Мислам дека ние функционираме добро. Евгенија, иако е млада, има 28 години, успеа да магистрира со просек 9.90, запишана е и на докторски студии, а веќе имаме две деца и гледате за колку кус период сме постигнале и сме се надополнувале. Јас не влијаам врз неа, таа е амбициозна, си знае што си сака. И за мене беше изненадувачки колку има работна навика, знаеше и по 10 часа да учи.
Колку и недостасува манекенството?
-На почетокот многу и недостасуваше, особено во првата и втората година од нашата врска. Многу се кршеше на каде ќе оди. Но, поразговаравме и таа си реши дека, сепак, е подобро да тера друга професионална кариера. Дека тие кариери што се врзани со физичка убавина многу кусо траат. Сама си одлучи дека ќе тера академска и семејна кариера.
После се низ што минавте дали и двајцата заклучивте- колку ќе згрешевме доколку не и пружевме рака на љубовта?
-Па да, мислам дека сме го коментирале тоа. Јас имам две книги и во едната малку опишувам. Како год да им изгледа на луѓето, но јас на првата средба со Евгенија, кога тргнав за Велес, каде се договоривме да се видиме, на половина пат, кај Катланово, тргнав да се враќам назад. Токму заради тие предрасуди со возраста. Потоа многу знаевме да се шегуваме на сметка на тоа, дали доколку се вратев повторно се ќе останеше исто или поинаку ќе беше. Но, тоа не се планира. По инерција, генетски е оставено да се создава семејство, да не се биде сам. Е сега не по секоја цена, се разбира. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека првата година после разводот буквално бев во депресија, не излегував, не се среќавав со жени, само спортував, играв тенис со другарите. Потоа по инерција почнував да пробувам со разведени жени, со повозрасни, но многу бргу гледав дека тоа не функционира. Така да тоа не може да се планира, треба да се совпаднете, можеби судбински да се сретнете, а од друга страна, пак, ќе речам дека е многу важна зрелоста на партнерката. Во овој случај, без разлика на возраста Евгенија покажа многу голема зрелост. Така да не се битни годините. Убавината за мене е важна за првите неколку состаноци, за мотивот. Потоа веќе во прашање е совпаѓањето и карактерот. Кога сме студирале, првите неколку месеци од цела таа генерација, од 300 студенти ќе си речевме- леле колку убави девојки има кај нас, но по неколку месеци веќе не ги гледавме како убави девојки, туку која ти одговара по карактерот. За убави ги сметаш некои други вредности.
Дали постоел страв од неуспех или се водевте по тоа-што биде нека биде?
-Не, не. Вака се случи кај нас. Ние после првите два месеци веќе бевме нон -стоп заедно, се надополнувавме, немавме кавги. Не знам како ќе звучи, но по втората година од врската Евгенија беше таа што сакаше дете, сакаше да стане мајка. Јас бев тој кој се мислеше поради други работи. Но, се случи една друга работа. Татко ми беше многу болен и му се гледаше крајот. Тогаш сватив дека сите ние немаме време за него и тогаш едноставно тоа пресече кај мене. Дека годините си се години, но не знаеш што те чека во животот, не знаеш уште колку и не е убаво да бидеш сам.
Многу парови по долго време во врска или брак знаат да кажат- се сакаме како првиот ден. Возможно ли е тоа?
-Не знам. Тоа за мене не е битно. Барем кај мене со текот на годините станавме многу позрели и покритични и во изборот на партнерка и во се и затоа сметам дека таа страст не може да биде иста како што била, бидејќи има разлика меѓу страста и љубовта. Мислам дека потоа, пак, е битен карактерот и почитувањето и дали тој пар или тоа семејство се движи напред. Ако се гушат тогаш, без разлика на љубовта и страста што ја има меѓу нив, подобро е да се прекине. Меѓутоа мене лично не ми се допаѓа друго нешто, и сметам дека е еден вид геноцид кој ќе и се случи на македонското опшество. Тоа е дека има многу млади, убави и ситуирани девојки кои не сакаат да се мажат, не сакаат парнер. Кажуваат разни изговори, дека нема мажи, но сметам дека нешто се исплашени и сметам дека како опшество со вакви крути ставови си правиме проблем. Таквите девојки, знам дека има многу, бидејки пред да се оженам одев со друштва, сретнав многу кои не беа во врска, како да не ги тераат хормоните, и мислам дека како опшество треба да ги стимулира. Ако не најдат соодветен партнер барем да родат. Според мене се работи за можеби 20.000 девојки, кои можат да родат, кои би биле среќни, кои остануваат на некој начин сами, можеби барајќи го принцот, а времето лета. Затоа сметам дека треба да се направи систем,да се олесни таа можност, но и како опшество да не бидеме толку крути.
Некои работи кај нас тешко се менуваат..
-Да, но тоа зависи и од самите луѓе. Премногу им се робува на предрасудите и мислам дека треба да размислуваме на таа тема. Зборуваме за девојки кои се на 35-40 години, кај кои многу брзо ќе поминат тие години кога треба да се роди.
Па вие сами ја доживеавте крутоста на опшеството. Многу луѓе живеат во лоши бракови, но први се да коментираат какви се браковите на другите.
-Знаете како тоа го решил Исус. Нели, во тоа време важеле некои закони кога таквите „слободни“ жени требало да бидат каменувани. Исус им рекол нели, тој што нема грев нека фрла камења, но тој што има не е убаво да фрла. И сите си заминале. Да, за нас кажуваа лоши работи. Ама ние не се замараме. Болно е што знаат за озборуваат, да коментираат за деца. Па вториот ден откако ни се роди ќекичката Катерина имаше многу погани коментари, но тоа само зборува какви се тие што ќе го изустат тоа. Особено кога станува збор за деца. Не може да му се мешаш на никој. Не може кога некој носи одлуки при здрав разум, ги носи доброволно, а другите да кажуваат што чини а што не чини. Мислам дека има многу парови со големи разлики во години. Има и жени што се постари од мажи, само тоа некако не се анализира. Жените што имаат помлади мажи никој не ги напаѓа. Тие се снашле. Мислам дека е женско опшество, многу се браните вие жените. Мислам дека годините немаат врска, туку функционирањето. Како беше пословицата кога таткото го кара синот и му вели- кај ја најде оваа жена. А синот му вели -ако ја гледаш со моите очи ќе видиш дека е најубава на свет. За мене е небитна разликата во години. Ако пет, 10, 20 години функционираш што е битно друго. Но, ние не се замараме, бидејки ако се замараме кој што трекол би си имале проблем. Јас и додека бев на Клиника имав една филозофија на живот а тоа е кога ќе излезев од Клиника сите проблеми ги оставав таму, си ги гледав другите обврски. Сега толку многу обврски имам и сум зафатен и со спорт и со наука и со книги пишување, па немам време многу да се замарам. Повредува желбата на некои луге да повредат некого. Тоа е страшното. Со Евгенија ни е убаво заедно. Да не испадне дека многу ја фалам, но е супер мајка, многу е посветена на децата. Знае на синчето Павле цел ден да му угодува и да не се скараат. Еве сега така е и со малата, Катерина која има 40 дена. Јас и помагам секако, најмногу околу кујната. Не давам таа да готви да не ме отруе. Хахахах.