Освен седиште не ни помисливме дека ќе делиме и живот – Автобус на „Струмица експрес“ испишува љубовни приказни – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/21 7:00 PM

Освен седиште не ни помисливме дека ќе делиме и живот – Автобус на „Струмица експрес“ испишува љубовни приказни

Никогаш не знаеш каде ќе ја запознаеш љубовта на својот живот. Ова не џабе е кажано, бидејќи сите сме сведоци на необични судбонски љубовни средби. Две такви судбински средби, со среќен крај, се случиле во автобус на „Струмица експрес“ на релација Скопје-Струмица.

-Работев како возач во Струмица експрес и едно утро возев на линија Струмица – Скопје во 8 и 30 часот наутро. Пристигнав во Радовиш, се сеќавам, имаше многу гужва. Автобусот беше преполн, но морав да ги земам патниците бидејќи имаа месечни карти. Меѓу патниците беше и таа, сега мојата сопруга“.

Вака ја започнува љубовната приказна поранешниот возач на „Струмица експрес“ Мирче Стојанов, кој откри дека во овој автобусот истата година се случиле и уште две љубовни приказни.

Мирче со сопругата

Мирче, кој моментално живее и работи во Швајцарија го вративме 10 години наназад за да раскаже како во славниот автобус се испишувале љубовните приказни. Тој вели дека неговиот колега кога му го предал автобусот му рекол: „Ова е среќен автобус. Мора да си фатиш девојка со него“.
Можеби тоа му дало храброст и смелост да се додворува на девојката, која случајно ја запознал, возејки километар по километар, од град во град.

–  Таа одеше на факултет во Штип и кога стигнавме, собрав храброст и ја прашав дали сака да испие едно кафе со мене. Ме откачи! Рече  дека нема време. А јас веднаш се вљубив во неа и си реков дека мора да биде моја. По таа средба, повеќе не ја видов. Минуваа денови, ја барав меѓу непознатите лица кои се качуваа во автобусот, но неа ја немаше. Се распрашував по колеги дали се’ уште патува со овој превоз и добив потврден одговор. Секако, кога слушнав дека се’ уште патува, ми дојде срцето на место. И по еден месец, на враќање од Скопје, имаше една сообраќајна несреќа пред Лозово. Сообраќајот беше блокиран, па додека чекавме во колоната, поминаа повеќе од три часа. По долгото чекање на патот, јас во Штип пристигнав прв од нашата компанија. Како судбината да си го направи своето! Таа беше таму, меѓу патниците. Мене очите ми светнаа и срцето ми затрепери. Најинтересно е тоа што токму тој ден мене ми беше роденден и вистински роденденски подарок беше кога ја здогледав неа на станицата. Веднаш се договорив со колегата да ме смени. Тој да продолжи да вози за Струмица, а јас за Радовиш. За среќа се погоди уште еден колега возач и тој седна на моето возачко место, а јас се возев до неа на патничкото столче. Срамежливо почнавме да се запознаваме. Веднаш откако ми го кажа нејзиното име, ја поканив на кафе и нормално и на торта бидејќи ми беше родеден. Девојката која веднаш ми влезе во срцето, ми ја одби поканата за кафе и торта, со изговор дека е многу доцна. Повторно се разочарав, но не се откажував. По неколку недели среќата беше на моја страна. Таа од Радовиш се качи во автобус и не губев време. Веднаш ја прашав дали сака да дојде со мене во Скопје. Малку се двоумеше, но на крај прифати. Пристигнавме во Скопје, јас ги завршив моите службени обврски за кои првично морав да одам и потоа го искористивме остатокот од времето да прошетаме низ главниот град, да ручаме и навистина имавме многу возбудлив ден. Но, за мене недоволно. Уште истата вечер ја поканив повторно да излеземе и таа прифати. Почнавме да се дружиме и по некое време започна нашата љубовна врска, се присети нашиот соговорник.

Најсреќен бил Мирче кога убавата радовишанка му признала дека и таа кога го видела ведаш се вљубила, но срамот си го направил своето.

-Најубавото чувство ми беше кога и таа ми призна дека веднаш се вљубила кога ме видела, но се срамела веднаш да покаже дека е заинтересирана за мене. И така, по една година љубовна врска решивме дека сакаме да го поминеме остатокот од животот заедно. Денес како плод на таа љубов имаме и две дечиња, раскажува Мирче.

„Струмица експрес“, односно автобусот на љубовта, споил уште еден пар. Дека љубовта  се случила кога најмлаку се очекува, тоа го докажува и втората љубовна приказна, а ни ја раскажа Орце Костов од Велес.

Орце и Ели

-Точно на денот кога правев една година од патувањето на релација Скопје – Велес, 1 јуни 2010 година, се запознав со идната сопруга. Се враќав од работа секогаш со линијата во 16 часот. Тој ден доцнев и влегов последен, па бидејќи немаше место, седнав на кондуктерското место, затоа што возачот Мирче Стојанов, кој исто така ја најде својата љубов во истиот автобус, подоцна ми стана пријател. Додека чекавме на семафори, некој тропна на автобусот, а возачот бидејќи ги познаваше двете патнички, ги качи и ме замоли за едната да направам место, односно да го делиме кондуктерското бидејки му била школска од средно. Не ни претпоставив дека по два месеца освен седиште, ќе делиме и кревет и живот, раскажува Орце.

Интересно е што Орце не бил толку храбар и прв не пуштил чекор, туку најхрабра била неговата Ели, кој почнала преку возачот да се распрашува за него. Мирче му дал број од Ели.
„Јави и се, се интерсира за тебе“, го поттикнувал Мирче.  Кога го добил бројот, Орце уште вечерта го свртел судбоносниот повик.

 

– До Велес имаше 45 минути пат, а јас и Ели се натпреварувавме кој повеќе ќе раскаже, со цел да ги смееме патниците. Се почувствува хемија меѓу нас, но бидејќи си мислев – ја гледам првпат, не очекував ништо. По една недела, Мирче ми го даде бројот од неа и ми рече да ја контактирам, затоа што постојано зборувала за мене додека патувале накај Струмица. Уште вечерта и се јавив. Се слушнавме и веднаш ме покани да излеземе во Струмица. Се гледавме повеќе од месец дена, јас преку ден за Скопје на работа, а невечер возев до Струмица со автомобилот. За два месеци и’ предложив брак, затоа што сфативме дека врска со патување или далечина нема да се одржи, а сакавме да бидеме заедно. Интересно е што пријателот кој патуваше со нас тој ден кога се запознавме и кој се смееше на нашите шеги, подоцна не’ пречека во Матично како матичар на 4-ти септември. Беше пријатно изненаден и ми рече “Аман, кога се видовте, кога се земавте?!“. Бидејќи автобусот на „Струмица Експрес“ ни донесе среќа и не’ спои, на свадбата во јули 2011 година, решивме да направиме специјална фотосесија пред автобус од компанијата која ги донесе гостите од Струмица. Оваа година ќе славивме десетгодишнина, а од бракот го имаме суперактивниот син  Марко кој сега е второоделенец, вели  Орце.

Возачот на автобусот „Струмица експрес“ сведочи и за уште неколку љубовни средби, но за жал тие завршиле со развод. А двајцата протагонисти во нашата љубовна сторија, во пресрет на Денот на вљубените, уживаат во бракот со нивните сопатнички, не само во автобусот, туку и во животот.

Весна Петровска