Џани Алиоски одвај чека викендов да се соочи со „пријателот“ Пепе – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/21 1:28 PM

Џани Алиоски одвај чека викендов да се соочи со „пријателот“ Пепе

Од играч кој постојано се наоѓаше „на граница“ помеѓу првите 11 во составот на Биелса и резервната клупа, до редовен првотимец за Лидс сезонава во Премиер Лигата. Епизодата на македонскиот репрезентативец во Англија засега е поприлично успешна, особено ако се земе предвид фактот дека Алиоски не само што во добра мера контрибуира во играта на Лидс, туку Алиоски е и можеби омилениот фудбалер на фан-базата на тимот кој по цели 17 години се врати во елитата.

Екипата на чело со „Ел Локо“ викендов гостува на „Емирати“ во рамки на 24-тото коло во Премиер Лигата и ќе бара своевиден реванш за фрустрирачките 0:0 на „Еланд Роуд“ во првиот нивен дуел . Лидс на тој натпревар доминираше по сите параметри, упатувајќи дури 25 шутеви кон голот на Лено, неискористувајќи ја предноста од играч повеќе практично цело второ полувреме.

На тој двобој некогашниот фудбалер на Лил, Николас Пепе, влезе во „клинч“ со нашиот репрезентативец и отиде чекор подалеку. „Главатарењето“ на Пепе беше окарактеризирано од суијата како „насилничко однесување“ и директен црвен картон кој напаѓачот на „топџиите“ никако не можеше да го поднесе. Пепе гестикулираше кон Алиоски сметајќи дека тој е виновен и дека тој всушност го испровоцирал инцидентот.

Двајцата „пријатели“, барем по зборовите на популарниот Џани, повторно на мегдан во недела. Најдобриот стрелец кај екипата од западен Јоркшир, Патрик Бамфорд, во пресрет на дуелот откри една мала тајна во јавноста.

-Знаете што? Алиоски во соблекувалната ми рече дека одвај чека да дојде недела. Јас се чудев зошто го чека тој ден, а тој ми кажа дека тогаш ќе игра против неговиот пријател Пепе, изјави Бамфорд.

Лидс во моментов се наоѓа на десеттата позиција на табелата во домашното првенство.

 

 

 

 

Фото:

football.london