Јавно го поддржав движењето „За заедничка Македонија“, но дека сум планирал воена состојба е небулоза, рече во судница Иванов – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/21 11:45 AM

Јавно го поддржав движењето „За заедничка Македонија“, но дека сум планирал воена состојба е небулоза, рече во судница Иванов

Јавно го поддржав движењето „За заедничка Македонија“. По објавувањето на тиранската платформа на седми јануари имаше жестоки реакции посебно од дијаспората и тие беа предизвикани од политичарите кои и ја поддржаа платформата во Албанија. Тие реакции се слеаа во ова движење. Имаше преку 100 иницијативи кои стигнаа до мене, рече Иванов на денешното судење за организаторите на 27 април 2017 година, одговарајќи на прашање дали го поддржал движењето.

Запрашан за воената состојба, Иванов рече оти е небулоза тоа дека тој планирал воена состојба. Вели дека ваквата шпекулација произлегла од напис во неделник, една недела пред настаните на 27 април, кој бил полн со шпекулации, а бил коментиран и интерпретиран во повеќе медиуми тогаш. Освен во македонските, написот бил пренесен и во странски медиуми.

– Уставот е јасен, воена состојба се прогласува кога е нападната земјата со двотретинско мнозинство во Собранието. Доколку Собранието не е во заседание тогаш свикува претседателот. Но Собранието беше постојано во заседание откако беа верификувани мандатите, рече Иванов потенцирајќи дека целта на шпекулацијата била да се дискредитира АРМ и врховниот командант, за да се создаде алиби за некој кој требало да преземе нешто, а за тоа да биде виновна армијата.

Иванов денеска сведочеше на предлог на одбраната за настаните на 27 април 2017 година.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во предметот се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељааноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Орце Костов