Патоказни табли испишани на три јазици – македонски, албански и англиски од вчера почнаа да се поставуваат на автопатот А2 Тетово – Скопје, што предизвика реакции во јавноста. Таблите ги поставуваат екипи на ЈП Македонија пат. Од Секцијата на ЈП Македонија пат Тетово велат, дека промената доаѓа по донесувањето на законот за службена употреба на јазиците, а воедно и поради нивната оштетеност.
Тројазичните табли и до сега може да се видат на овој дел од државата, но не на сите делови од автопатот. Така на пример, табли испишани и на албански јазик имаше кон Тетово, во која мнозинството население се Албанци, додека во Општина Јегуновце, со мнозинство Македонци, информативните табли беа македонско – англиски. Меѓутоа, според измените на законот за јазици, информативните табли на регионалните и магистралните патишта треба да содржат податоци и на албански јазик.
Заменик директорот на ЈП Македонија пат Самка Ибраимовски, вели дека ваквите активности ќе продолжат во сите региони од државата.
– Сега во моментот ја гледам таблата Јегуновце, на автопатот А2, каде извршивме промена бидејќи дел од знаците се избришани и оштетени од временските неприлики – сонце, снег, разни промени. Сега ги менуваме сите табли каде патоказите не се јасни или пак се скршени и паднати. Не само на патот Тетово-Скопје и Тетово-Гостивар, знаци има порачано за цела Македонија и како ќе пристигнуваат така ќе ги монтираме по патиштата, вели Ибраимоски.
Тој истакна дека наскоро ќе бидат набавени 10 камиони за одржување на патиштата, а моментално нивни екипи се постојано на терен и интервенираат при одрони со камења и земја.
Од ЈП Македонија пат истакнаа дека подготвени се за чистење на патиштата во случај на снежни врнежи кои се најавуваат за деновиве.
Зоран Димовски