Целите за ублажување на климатските промени можат да спасат милиони животи – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/21 8:03 AM

Целите за ублажување на климатските промени можат да спасат милиони животи

Милиони животи може да бидат спасени секоја година до 2040 година, ако земјите ги зголемат своите климатски обврски за исполнување на целите утврдени во Парискиот договор, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според истражувањето вклучено во извештајот „Одбројување за здравјето и климатските промени“ на неделното рецензирано медицинско списание „The Lancet“, се предвидува дека доколку земјите ги усвојат климатските планови во согласност со целта да се одржи глобалното зголемување на температурата под 2 степени, како што е договорено со Парискиот договор, тогаш тоа би имало многу позитивни ефекти врз здравјето на луѓето.

Во рамките на студијата опфатени се земјите САД, Германија, Велика Британија, Бразил, Кина, Индонезија, Јужна Африка, Индија и Нигерија, во кои живее 50% од светската популација и кои се причина за 70% од глобалните емисии.

Утврдените национални извештаи за придонес на овие земји во борбата против климатските промени не се доволни за да се постигнат целите зададени со Парискиот договор. Со сегашната форма на исказите и заложбите за национален придонес, постои ризик глобалното зголемување на температурата да изнесува повеќе од 3 степени.

Зајакнувањето на исказите за национален придонес директно ги намалува ефектите од климатските промени, а исто така, индиректно се осигурува позитивно влијание врз здравјето на луѓето, со помала изложеност на штетни загадувачи, подобрени диети и зголемена безбедна физичка активност.

Со усвојување на политики со приоритет на здравјето и постигнување на целите на Парискиот договор, во деветте земји кои се дел од студијата, се предвидува секоја година до 2040 година, да се спасат 5,8 милиони лица благодарение на подобрената диета, 1,6 милиони лица благодарение на почистиот воздух и 2,1 милиони лица благодарение на зголемената физичка активност.

Доколку се избере поамбициозното сценарио во целите поврзани со здравјето вметнато во исказите за национален придонес, во зависност од загадувањето на воздухот, исхраната и физичката неактивност, соодветно, може да се спречат 462.000, 572.000 и 943.000 смртни случаи.

Според извештајот, недостигот на диета со овошје, зеленчук, мешунки и јаткасти плодови претставува поголем здравствен проблем од ризиците поврзани со прекумерната потрошувачка на црвено месо.

Додека 30 проценти од смртните случаи може да бидат спречени доколку се спроведува гореспоменатата диета, прекумерната потрошувачка на црвено месо предизвикува 22 проценти од смртните случаи.

Водечкиот автор на извештајот и менаџер за здравје и климатски промени на списанието „The Lancet“, Јан Хамилтон, во својата проценка на студијата изјави дека извештајот се фокусира на многу важна, но честопати занемарувачка поента во борбата против климатските промени, и додаде:

„За разлика од директните придобивки од намалувањето на јаглеродот, кои на крајот се долгорочни и се проценуваат во смисла на ограничување на штетата, индиректните здравствени придобивки од амбициозните климатски политики се веднаш видливи. Пораката е многу јасна. Усогласеноста со Парискиот договор не само што спречува милиони луѓе да умираат рано секоја година, туку го подобрува квалитетот на животот на милиони луѓе благодарение на подобрените здравствени услови. Време е да го ставиме здравјето во првите редови на политиките за климатски промени за да спасиме повеќе животи.“