Постигнат е договор за Законот за финансирање на политички партии, техничка влада по Пржинскиот модел пред какви било избори и за изборот на ДИК – потврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Тоа што разговаравме е ова што и го кажав на јавноста. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, нашите услови во делот на финансирање на политичките партии, во делот на формирањето на пржинскиот концепт на формирање на техничка влада и враќањето назад на процедурата за измена на Изборниот законик а во насока на носење на составот на Државната изборна комисија се постигнати, а тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи на формирање на Државната изборна комисија која што всушност е испразнета поради оставките кои порано ги дадоа членовите на изборната комисија“, порача Мицкоски од Клубот на пратеници.
Тој истакна дека очекува Државната изборна комисија да се комплетира во текот на денешниот ден:
„Ние веќе дадовме насоки на координаторите на пратеничките група да се отпочне процесот на измени на овие законски решенија, кога зборуваме за концептот на Законот за финансирање на политичките партии и измените на Законот за влада, што би значело нов концепт, а тоа е влада со технички карактер и концепт на пржинскиот модел и веднаш потоа повлекување на законското решение кое што е во процедура во Kомисијата за евроинтеграции кај господинот Груби и враќање на стариот концепт на избор на членови на Државната изборна комисија уште во текот на денешниот ден“.