Бугарскиот амбасадор не можеше да каже дали Спасов имал бугарско државјанство, екстрадицијата вели ќе потрае – ММС
ММС

Објавено на: 02/10/21 4:59 PM

Бугарскиот амбасадор не можеше да каже дали Спасов имал бугарско државјанство, екстрадицијата вели ќе потрае

Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, не можеше да каже дали Игор Спасов, кој се бара со потерница за доиздржување на казната затвор за убиството на Мартин Нешковски, имал бугарско државјанство.

При денешната посета во Штип тој потврди дека е почната постапката за екстрадиција, но вели дека тоа е долга процедура која би можела да потрае.

– Екстрадициите се сложени процедури, таму се вклучени неколку институции – Министерството за внатрешни, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, како и судот. Тоа е сложена процедура која што бара неколку месеци, кога ќе завршат не знам, рече Ангелов.

Македонското министерство за правда вчера ги испрати документите со кои бара екстрадиција на Спасов.

Игор Спасов, поранешен полицаец, беше уапсен во Софија поради семејно насилство, по што бугарската полиција увидела дека е баран од Интерпол.

Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски кое се случи по прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011, на плоштадот во Скопје.  Меѓународна потерница беше распишана кон крајот на октомври 2019 откако Спасов не се врати во штипскиот затвор по отсуството за лекување.