Рекетот број еден во второто коло на „Аустралијан Опен“ го совлада потешко од очекувањата американскиот тенисер Френсис Тијафо со 3:1 во сетови (6:3, 6:7, 7:6, 6:3).
Дуелот навистина беше исцрпувачки и траеше три ипол часа, а 64-от по ранг на АТП листата Американец пружи навистина цврст отпор и го воодушеви неутралното гледалиште. Сепак на крајот Новак Ѓоковиќ ја манифестираше својата големина и не дозволи огромно изненадување на стартот на „неговиот“ Гренд Слем.
Популарниот Ноле добро го започна мечот поведувајќи со 3:0, но кога се мислеше дека лесно ќе стигне до првиот сет, Тијафо во седмиот гем го врати брејкот и намали на 4:3. Српскиот ас барем во првиот сет го исконтролира и оконча резултатот.
Во вториот сет двајцата тенисери на свој сервис играа на ниво и таквото темпо и менување на улогите резултираше со тај-брејк освоен од Тијафо со 7:3. Третиот сет не се разликуваше нималку од претходниот, освен во крајниот исход. Овојпат Ѓоковиќ на тај-брејк го демолираше опонентот и славеше со 7:2.
Потрес на тлото под Новак не се случи во решавачкиот сет. Србинот со 6:3 го затвори неочекувано возбудливиот двобој и резервираше место за третото коло на АО.
Таму најдобриот светски тенисер ќе го чека подобриот од мечот Рејли Опелка – Тејлор Хари Фриц.
Фото:
еurosport.com