Турската полиција денеска соопшти дека во серија операции во реонот на Истанбул уапсила 43 странски државјани, кои се осомничени дека се припадници на џихадистичката група Исламска држава (ИД).
Во соопштението се посочува дека осомничените биле уапсени при акции спроведени во 15 објекти на територијата на Истанбул.
Полицијата се сомнева дека уапсените биле членови на групи на социјалните мрежи поврзани со ИД и дека одржувале контакти со лица што престојувале во зоните на конфликт на Блискиот Исток.
ИД презеде одговорност за серија напади во Турција последниве неколку години, вклучително и нападите во Истанбул на 1 јануари 2017 година, при што загинаа 39 лица и на 7 јуни 2016 година, кога беа убиени 12 луѓе.
Извор:МИА