Владимир Брчков како Леброн Џејмс – Кошаркарот го презема фудбалскиот клуб Борец – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/21 3:30 PM

Владимир Брчков како Леброн Џејмс – Кошаркарот го презема фудбалскиот клуб Борец

Бившиот кошаркарски репрезентативец Владимир Брчков заедно со својот братучед Марио Брчков наскоро ќе го преземат фудбалскиот клуб Борец. Ова ексклузивно за ММС го открива велешкиот кошаркар кој сега настапува за кошаркарскиот клуб Борец. Брчков го следи примерот на најголемите светски кошаркарски ѕвезди како Леброн Џејмс кој е акционер во англискиот првак Ливерпул и одлучи заедно со својот братучед и ветераните на ФК Борец да му помогне на прволигашот кој остана без сопственик по повлекувањето на бизнисменот Кочо Анѓушев.

За разлика од Леброн Џејмс кој од бизнис причини инвестираше во најславниот фудбалски клуб во Англија, Брчков тоа го прави поради должноста кон градот и љубовта кон Борец за кој навива од мали нозе.

“Заедно со мојот братучед, бизнисменот Марио Брчков решивме да му помогнеме на клубот. Го сакам Велес, го сакам фудбалот и навивачите заслужуваат да гледаат прволигашки фудбал. Идејата беше на братучед ми кој ме побара мене затоа што сметал дека имам познавања во спортскиот дел и имам добри релации со менаџерите и некои агенции. Очекуваме во следните денови да се комплетира преземањето и подготвени да го дочекаме пролетниот дел од сезоната“, изјави есклузивно за ММС, кошаркарот Владимир Брчков.

Пред петнаесетина дена компанијата Брако се повлече од натамошното финансирање на клубот и беа информирани играчите кои добија довола да си заминат како слободни фудбалери.  Анѓушев неодамна на Собранието на Општинскиот фудбалски сојуз во Велес искажа незадоволство од состојбите во македонскиот фудбал и бараше ФК Борец да биде вклучен поактивно во општинското собрание, а со тоа и во највисокиот орган на ФФМ.

„Голема благодарност и до претходниот сопственик Кочо Анѓушев кој ја покажа својата големина и сепак го даде клубот на луѓе од градот„ додаде Марио Брчков.

По заминувањето на спонзорот,  оставка на тренерската позиција си даде Горазд Михајлов и неговиот помошник тренер Ангел Темелков. Нов тренер на Борец е Борче Христов.Од клубот засега си заминаа и неколку играчи, но ветераните на тимот успеаја да ги пополнат празнините и да донесат нивни замени, меѓу кои и поранешниот репрезентативец Ванче Шиков.

Орце Костов

Фото: sports.inquirer.net