Потврден е првиот случај на инфициран пацинет од Штип со британскиот сој на корона вирусот – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/21 2:52 PM

Потврден е првиот случај на инфициран пацинет од Штип со британскиот сој на корона вирусот

Во лабораторијата на МАНУ е изолиран мутираниот британски сој на корона вирусот кај пацинетка од Штип, кој во моментов се наоѓа на Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип. Ова за ММС го потврди Министерството за здравство, кое не даде многу детали околу пацинетот.

-Во Штип има едно лице заболено со новиот британски сој на коронавирус. Лицето е хоспитализирано на Инфективното одделение во Штипската болница. Во моментов во тек се епидемиолошките анализи во однос на контактите и начинот на заболување, одговорија од Министерството за здравство.

Од Министерството не одговорија како заболела пациентката, односно дали патувал во странство или се инфицирал дома. И во Центарот за јавно здравје немаа повеќе информации, бидејќи, според новите правила, епидемиолошките анкети ги прават епидемиолози од било кој Центар за јавно здравје, според поделбата која ја добиваат од Министерството за здравство.

Податокот дека во Штип веќе има пацинетка со британскиот сој, кој е позаразен и посмртоносен според некои од студиите, го крена алармот за степен повисоко, особено сега во период кога епидемијата како да стивна по месеците со високи бројки на новозаболени. По деновите кога имаше во просек по триесетина заболени, деновиве тој број се сведува на само два – тројца болни.