Ни вртеа грб, не осудуваа, но не се откажавме од љубовта – Ирена и нејзиниот сопруг ги надиминаа предрасудите и уживаат во бракот – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/21 7:09 PM

Ни вртеа грб, не осудуваа, но не се откажавме од љубовта – Ирена и нејзиниот сопруг ги надиминаа предрасудите и уживаат во бракот

По повод Денот на вљубените Ви преставуваме една инспиративна приказна која од прво лице ни ја раскажува токму главната „актерка“ Ирена Лозана. Љубовната приказна на Ирена крши могу бариери, предрасуди кои за општеството можеби се неприфатливи, но храбро и гордо докажа дека за вистинската љубов нема место за грешки. Ирена е Македонка која на прв поглед се вљубила во маж од друга вера, но покрај сите притисоци кои ги имала не се откажала од љубовта, која и денес ја држи и дава сила за сите предизвици кои и ги носи животот.

За ММС  Ирена раскажа како таа и нејзиниот сопруг се засакале, венчале и колку урнебесни биле во државната институција, но и кои традиции се почитуваат во нејзинот дом.

-Ја сум “Ира”, родена во семејство каде се практикува Христијанство, а се заљубив во “Ари” кој е
од семејство каде се практикуваше Исламот. Денеска сум во моето семејство “Лозана” каде
што се практикува љубовта, љубезноста, прифаќање на различностите и почитувањето на
себеси и другите. Значи нашата приказна е барање, наоѓање и постојано споделување и
ширење на љубов… Се почна кога мојот сопруг се досели во мојата зграда, во стан 18 скали под мојот. Додека го внесуваа мебелот со неговиот најдобар пријател, нашите погледи се сретнаа токму на тие скали и тоа беше тоа… класична дијагноза на “љубов на прв поглед”. По само неколку недели ние веќе бевме во врска. Официјално се вљубив во мојот нов комшија, вели таа.

И Ирена, како и сите што ја делат нејзината љубовна историја, имала осуда од околината, а семејството се спротивставувало на врската.

-Секако… семејствата, соседите, роднините, пријателите… имав чувство дека целиот свет ми го
сврте грбот, освен мојата сестра и уште неколку луѓе. Моето семјство не се согласуваше да бидам со него. Сите причини кои ми ги кажуваа зошто да не бидам со него тогаш, тотално ми беа невалидни и тогаш, а уште повеќе денес. А јас како јас, и млада и упорна и вљубена, решив дека ќе застанам наспроти целиот свет во одбрана на љубовта. И бев во право. Иако од денешна перспектива некои работи би ги направила малку поинку… со тоа што го знаев тогаш, се справував најдобро што можев, додава таа..

Но, откако престанале осудите, бидејќи не успеале да ги разделат, следувале стапувањето во брак, чекор напред во издигнување на нивната љубов, а чекор назад на нивните семејства, дека работата е сериуозна и покрај противењата.

-Бракот е најинтересниот дел на нашата приказна… Во тоа време решивме да одиме некаде
каде што нема да бидеме осудувани и ќе почнеме нов поубав живот. Дубаи беше опција која
најмногу не привлекуваше. Додека правевме подготовки за апликации за работа и што уште
не, разбравме дека за да можеме да бидеме заедно во ист стан, мораме да бидеме венчани.
Едноставно се погледнавме, како да решаваме дали сакаме да нарачаме иста пица … и си
одговоривме “ОК бе … зошто да не…” Како искусни проект менаџери си направивме листа на
чекори што треба да направиме.

Прво … Да се јавиме во матично: “Ние: Ало… Добар ден, матично? Што ни треба за да се венчаме?”.   Тие: „Ви треба да закажете термин/датум, потврда од предбрачно советувалиште (дека сте информирани за можните  последици од бракот), двајца сведоци (кум и старосват) и лични карти од сите за запис во матичната книга на венчаните. Кога планирате термин?  Април, мај?” Ние им рековме: Не… ако може утре, задутре?  Тие: „Ама вие се зафркавате изгледа, ние на Лас
Вегас да не ви личиме? Па, ова е сериозна работа. Како така утре задутре… ?” Ние: „Се
извинуваме,  многу сме сериозни… прв отворен термин не интересира кога е?… значи не
ни треба време, церемонии, само влез, потпис, излез … 20 минути максимум? ”  Тогаш тие ни рекоа:  „Бог да чува овие не се нормални (пригушено се слушаше разговорот со колегите) Во ред, имаме
половина час празен простор сега во сабота во 16 часот. Ама вие сигурни сте??? ” … “Ние: „Се
гледаме во сабота на  21Ноември, 1998 година во 16 часот!” Второ: Појдовме во предбрачно советувалиште, завршивме со часот и си ја земавме потврдат. Трето: Кум и старосватица … хммм… Вртиме на најдобриот другар на маж ми од јасли, и на блиска пријателка во тоа време со јасни инструкции: “ Дојди таму и таму во толку и толку и земи лична карта… И донеси нешто за пиење.”

-Сабота… излегов од работа половина час порано за да стасам на време, пред матично. Ме
чекаше мојата љубов, неговиот најдобар пијател од детството, па до денес а од тој ден “кум” и
нашата нова планирана старосватица. Матичарот, бивш сосед на маж ми не гледа, не му се верува, се крсти и го прашува маж ми “Мајка ти знае ли? Маж ми му рече- Ќе дознае наскоро” И така, од Стојанова станав Лозана. Малку се мававме со снежни топки пред матично со кумот и старосватицата , за честито, нели и си појдовме дома, седнавме да јадеме, и да си поразговараме со неколкуте пријатели кои ги имавме во тоа време, единствените кои знаеа дека ние сме се венчале… Да ни помогнат да допиеме тоа што има по дома, бидејќи во Дубаи нели алкохол нема. И се јавивме на мојата свекрва во Турција да ја изненадиме и израдуваме. Искрено ни се израдува и ни посака љубов до крајот на животот. И се до крајот на нејзиниот живот до пред скоро две години, останавме
искрени во својата бескрајна љубов една кон друга. Бевме многу повеќе од свекрва и снаа. Повеќе од мајка и ќерка. Понатаму имаше уште многу случки за кои сега раскажувам со насмевка на лицето, но во времето кога се случуваа ми предизвикуваа голем стрес. По една година моите родители едноставно се помирија со реалноста, видоа колку навистина се сакаме и прифатија да станат дел од нашата среќа. Посакаа да направиме веселба за семејството и ја направивме. Помина како еден голем ручек со најблиските роднини и пријатели, се забавуваме и танцувавме се сакавме и сите што претходно се чуствуваа неубаво поради нашата врска, тој ден се радуваа и се забавуваа. Затоа ги сакам сите веселби, затоа што љубовта тогаш е најголема и затоа на сите им е убаво, објасни детално Ирена.

Оваа љубов ја надополнуваат нивните три дечиња, Иан, Кан и Ава.  А со нивното доаѓање се поставувало и прашањето- која вера ќе бидат децата, како ќе растат.

– Уште кога останав трудна со првото дете, се појави прашањето… Ама сега што ќе правиш со
детето, ќе го крстиш во црква или ќе треба да правиш нешто во џамија ??? Со маж ми се
договоривме да бидеме мудри родители и да не ги хендикепираме нашите сопствени деца со
етикети наметнати од општеството, од кои ние самите сме биле оштетени. Ќе оставиме
децата сами да решат што сакаат да прават, да бидат и каде да припаѓаат во животот. Наша
главна работа е да ги научиме да бидат добри човечки битија, способни за љубов и
простување, отпорни на стравови и омраза, трпеливи, толерантни и со почит кон секого…, вели Ирена.

Најубавите нешта во браковите од различна вероисповед се празнувањата. Кога љубовта е водач низ животот и тука многу лесно се решаваат работите. Така и двајцата сопружници решиле да ги слават и православните и муслианските празници?

– Додека бевме заедно со мојата свекрва која си ги тераше исламските обичаи, со радост се
подготвувавме за Бајрам, таа подготвуваше а ние учествувавме помагајќи и… на гости секогаш
доаѓаа и моите родители и некои поблиски пријатели. За Велигден, секако дека одвај чекавме
да појдеме кај моите родители и одевме на сите верски слави кои ги практикуваа тие. Мене
ме радува кога ќе појдам во нечиј дом за било која прослава и било кој празник. Во тие
денови се сите радосни, среќни и сите се со прекрасна енергија.Јас лично не се идентификувам со ниедна конкретна религија и сметам дека духовноста на секој еден од нас е лична и интимна работа помеѓу нас и креаторот. Исто така и либето мое долги години компаративно ги анализира различните верувања на разни народи и заедници од светот, и ги согледува сличностите и работите кои сите нас не поврзуваат како едно единствено човештво со исти цели и мисии во животот. Токму поради тоа, нам како семејство ни е многу лесно да прифатиме било кого со било какви верувања и да бидеме прифатени од било кого… И затоа искрено уживаме во секоја прослава на сите наши пријатели и роднини од разни припадности. Многу пати велам дека ми недостасуваат пријатели од некои националности и религии за да имаме каде да појдеме на гости и да бидеме во поинакво и
поразлично друштво. На почетокот на врската кога имавме турбуленции се случи многу луѓе да ни го свртат грбот или да се тргнат настрана… Некои со осуда, а некои не знаејќи како да се справат сами со себе за тие да не бидат осудувани ако не поддржат во нашата врска. Но можам да кажам дека овој брак мене ми донел само многу поубави пријателства, нови прекрасни роднини кои ни
станале блиски како семејство. И ако сте вие спокојни и во љубов, пријатели секогаш ќе има, вели таа.

Во оваа љубовна пориказна ќе се пронајдат многумина кои се нашле во ваква и слична ситуација, но и такви кои не успеале да се изборат. Секако  и парови кои допрва ќе го чекорат нивниот пат. Оттаму Ира им порача:

-Често ми се случува да сретнам луѓе во “забранети врски ” дали поради верата, поради
брачни статуси на еден од партнерите, на поинаквиот социјален статус, поинаква
националност, поинаква боја на кожата… Мојот одговор секогаш бил и ќе биде: Ако има
љубов тогаш треба да застанете во нејзина одбрана и да не се откажувате од љубовта.
Бидејќи подвоеноста на луѓето секогаш била и ќе биде причина за некој да живее во страв и да се обидува да ги менува другите околу себе. Родителите со своите наследени верувања
понекогаш се спремни на направат многу грди чекори за да останат на своите уверувања. Но
исто така има многу случаи каде што родителите биле прекрасна поддршка, затоа побарајте
совет од некој кој што веќе поминал низ вакво нешто, со цел да добите една поинаква
перспектива за тоа како да се справите со вашата состојба поуспешно.  После толку години единствено нешто кое понекогаш ми доаѓа на памет е дека, си дозволив да поминувам низ
премногу стрес со цел да одржам некаков привиден мир. Не се каам за ништо бидејќи тогаш
толку сум знаела и толку сум можела и ова е една од причините поради која го работам тоа
што го работам денеска, додаде таа.

И двајцата се во исчекување на Денот на вљубените. Тоа што е католички празник сосема е неважно, бидејки љубовта не познава граници.

– Романтични сме потполно … нема ден да не се гушнеме цврсто и да се галиме, дали само ние
двајцата или заедно со децата. Бакнежот и прегратката сеуште се највредното нешто што
можеме да си го дадеме еден на друг. А бидејќи навистина тоа го правиме буквално секој
ден, предпоставувам дека за нас секој ден е ден на вљубените, рече на крајот.

Весна Петровска