Фактот дека Еден Хазард во дресот на Реал Мадрид во Примера има помалку голови и асистенции одошто повреди е навистина поразителен за некогашниот фудбалер на Челзи и еден од најдобрите играчи кои со години константно се наоѓаа на врвот на Европа.
Белгиецот „врза“ неколку натпревари за „кралевите“ и се чинеше дека конечно се враќа на стари патеки, здрав и подготвен да му помогне на Зидан во обидите за титулата во Шпанија и Лигата на Шампионите. До последната мускуларна повреда која ќе го оддалечи од терените од четири до шест седмици.
Кошмарот наречен Реал Мадрид за поранешниот напаѓач на Лил, покрај евидентните физички оставил и ментални последици. Тренерот на мадриѓани веднаш по новата повреда му дал на Хазард неколку слободни денови кои белгискиот репрезентативец ги поминал со потесното семејство.
Сепак, Хазард не очајува. Тој верува во подобри и посветли денови и верува дека откако ќе ги надмине проблемите, на зелените терени ќе ги радува фановите во следните пет-шест години.
-Мојот приоритет е да играм добро и да уживам во мојот фудбал. Не размислувам за тоа каде ќе бидам во следните неколку години. Се обидувам да се фокусирам на следниот меч и следната тренинг сесија. Штотуку наполнив 30 години и додек моето тело се чувствува добро, се надевам дека ќе играм уште најмалку пет-шест години, изјави Хазард.
Неговиот Реал Мадрид во шпанското првенство се наоѓа на третата позиција со освоени 40 поени.