МАР: Законот за минерални суровини е селективен и нестручен, да не се брза со донесувањето во Собрание – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/18 12:53 PM

МАР: Законот за минерални суровини е селективен и нестручен, да не се брза со донесувањето во Собрание

Предлог законот за минерални суровини е лош и неприменлив – реагира денеска Асоцијацијата на рударство. Оттаму порачуваат да не се брза со донесувањето на Законот во скратена постпака и да се организира јавна расправа.

Измените на Законот за минерални суровини се туркаат тендензиозно иако со нив нема да се реши ништо, туку ќе се направи збрка во и онака збрканата ситуација во македонското рударство. Ова денеска на прес конференција го истакна претседателот на Асоцијацијата на рударство, Николачјо Николов. Тој вели дека рудниците се само дел од загадувачите на животната средина, но истовремено не се посветува внимание на останатите фактори кои исто така загадуваат. Според Николов овој законски пристап е нестручен бидејќи не објаснува доволно како со него ќе се заштити животната средина.

„Групата пратеници предлага концесијата за експлоатација на минерални суровини да не може да се додели за постапки со лужење на металични минерални суровини со цијаниди или сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Исклучок се концесиите за експлоатација на минерална суровина на веќе постоечките рудници. Оваа точка е толку конфузна. Како предлагачите успеаја да ја разликуваат рудата која доаѓа од површинска експлоатација,со онаа која доаѓа од подземни копови? Селективен и нестручен е пристапот, бидејќи треба да се објасни што сакаме да постигнеме“, посочи Николов кој побара да се организира јавна расправа на која ќе учествуваат претставници на стопанската комора и на Владата.

Измените на Законот за минерални суровини беа предложени од седум пратеници при крајот на ланската година. Предложените одредби меѓу другото, предвидуваат обврска за плаќање годишен надоместок за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања.

За да се спречи можна манипулација со податоци во текот на процесот на издавање концесија, се прави дополнување на членовите 42 и 45, со јасни податоци кои барателот на концесија мора да ги приложи во своето барање до Министерството за економија – за видот на постапката на експлоатација на минерални суровини и хемикалиите што ќе се применат, како и за финансиската гаранција во случај на штетни ефекти по животната средина. Истиве податоци треба да стојат и во одлуката за доделување концесија – појаснија минатата година на прес конференција од партијата ДОМ, чија претседателка Лилјана Поповска е меѓу предлагачите.