Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант, предупреди дека „постои реален ризик” неговата земја да ја напушти Европската унија следната година без претходно да постигне договор за идните односи со Брисел, што ќе предизвика економска и политичка штета и на ЕУ и на Лондон.
На денешната средба во Берлин со неговиот германски колега Хајко Маас тој рече дека Европската комисија, која ги води преговорите, како да очекува дека ако се чека премногу долго, Лондон ќе „трепне и ќе се повлече“.
– Тоа нема да се случи, категоричен е Хант.
Германскиот министер за надворешни работи, од своја страна, го увери Хант дека неговата земја „не сака Брегзит да се случи во услови на безредие.
– Сакаме договор, изјави Маас, јави Би-Би-Си.
Европскиот парламент и националните парламенти на земјите-членки на ЕУ мора да го ратификуваат договорот пред Велика Британија да ја напушти Унијата на 29 март следната година.
Извор:МИА