Процесот на интеграција станува нејасен, не се наградува според учинок туку според актуелни политички околности, вели Османи – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/21 1:04 PM

Процесот на интеграција станува нејасен, не се наградува според учинок туку според актуелни политички околности, вели Османи

Можам да се согласам дека не треба во ЕУ да внесуваме недоразбирања, но во исто време објективен е впечатокот кој се создава и кај нас и кај останатите земји во регионот дека процесот на интеграција станува непредвидлив, нејасен или попрецизно е вид подвижна мета која не наградува според учинок туку според актуелните политички околности, рече на денешната прес-конференција министерот Бујар Османи.

По средбата со словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок, Османи информираше дека Владата го прифатила предлогот за отварање на амбасада во Братислава, а според Корчок тоа ќе значи унапредување на односите на двете земји, не само на политички туку и на економски план.

Според Османи Словачка јасно и недвосмислено ја покажала поддршката за земјата, особено во моментите кога Европската Унија не успеа да постигне консензус за напредок на земјава, а министерот Иван Корчок вели дека поддршката ќе продолжи и за време на португалското претседателство и дека се надева дека членките на ЕУ ќе постигнат консензус за усвојување на преговарачката рамка.

– Поддршката за вашата европската интеграција е поради две причини – прво бидејќи тоа е ваш избор и бидејќи е во наш интерес Западен Балкан да биде дел од Европската Унија. Пандемијата не треба да го запре процесот на проширување, точно е дека имаше импакт, но не треба негативно да влијае на преговарачката рамка што веќе ја поставивме. Земјите ги оценуваме по тоа што го направиле и според исполнетите критериуми, а Северна Македонија направи многу, така што блиску сме и се надевам дека ќе се постигне консензус, рече Корчок.