Речиси 150 лица исчезнаа при кршење на глечер во северна Индија – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/21 8:01 AM

Речиси 150 лица исчезнаа при кршење на глечер во северна Индија

Околу 150 луѓе исчезнаа откако дел од глечер на Хималаите се скрши во северна Индија, што предизвика огромна поплава, соопштија властите, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Дел од глечерот Нанда Деви, на втората највисока планина во Индија, се распадна во подрачјето на Тапован, во сојузната индиска држава Утаракханд, оштетувајќи го хидроенергетскиот проект Ришиганга.

„Претставниците на проектот рекоа дека не можат да стапат во контакт со околу 150 нивни работници кои работеле на проектот“, изјави за локалните медиуми Ридим Агарвал, официјален претставник на државните сили за одговор при катастрофи.

Фотографиите и видеата објавени и споделени на социјалните мрежи покажаа огромно поплавување на реката и голема штета врз селата.

Според Националните сили за обнова при катастрофи, нивни тимови заедно со индотибетската гранична полиција започнале операција за спасување и извлекле три тела.

Во твитер-објавата, Тривендра Синг Рават, главниот државен министер, рече: „Населението се евакуира од областите во близина на [реката] Алакананда. Поради претпазливост, течението на реката Багирати е запрено. СДРФ [државните сили за обнова при катастрофи] се во состојба на готовност.“

Тој, исто така, потврди дека други две брани во областа се испразнети и дека течението на реката е запрено со цел да се минимизираат последиците.

Индиските воздухопловни сили потврдија дека во блиските воздухопловни бази стационирале три хеликоптери во состојба на готовност и на располагање на спасувачките операции во погодените области од поплавите.

Во 2013 година, обемните поплави во државата предизвикани од обилните врнежи од дожд ја предизвикаа најголемата природна катастрофа во земјата од цунамито во 2004 година, при што загинаа 5.700 лица.