Серијата „Дирилиш: Ертугрул“ е една од најпопуларните турски серии која ја освојува публиката низ светот, а посебно влијание имаше на животот на 60-годишната Американка од Висконсин која премина во исламот.
Жителката на малиот и мирен крај на сојузната американска држава Висконсин во разговор за Агенција Анадолија (АА) изјави дека серијата „Ертугрул“ ѝ оставила голем впечаток и дека така преминала во исламот.
Серијата ја нашла на „Нетфликс“, и тоа, како што рече, во периодот кога имала одредени ментални и морални падови. За исламот многу учела и со читање на преводот на Куранот, а потоа го посетила единствениот месџид во својот крај, станала муслиманка и го избрала името Хатиџа (Кадија).
„Серијата зборува за историскиот период за кој не знаев ништо. Она што во серијата го видов за Алах, исламот, мирот, правдата и помошта на угнетените го привлече моето внимание и ме поврза со таа серија“, изјави Хатиџа.
Серијата раскажува за херојството на Ертугрул, таткото на основачот на Османлиската империја. Тоа е приказна за праведна борба, борба против неправдата, насилството, предавството, за пријателството, довербата, верата и создавањето на една голема држава.
Ертугрул, Тургут и Салџан се омилени ликови на нашата соговорничка од Висконсин.
„Дијалозите со религиозни пораки на таа тема во серијата дадоа нова димензија и вредност на мојот живот. Ибн-и Ареби ми е омилен лик во серијата. Неговите зборови ме тераа на размислување, а често ми ги полнеа очите со солзи“, изјави Хатиџа.
Истакнувајќи дека поради серијата започнала да истражува за османлиската историја и исламот, Хатиџа изјави дека серијата „Ертугрул“ ја гледала четирипати и дека моментално ја гледа и петти пат.
„Љубовта кон историјата веднаш ме поврза со серијата. Добро е што ја гледав, бидејќи таа серија ми ги отвори очите и ме запозна со исламот“, изјави Хатиџа.
Таа приказната од серијата внимателно ја истражувала и од други извори и посакала да живее со вредностите кои се промовирани во серијата.
„Иако сум баптистички католик, започнав сѐ повеќе да се интересирам за исламот. Тоа што ја најдов серијата ми беше знак и почувствував внатрешен мир. Со гледањето на серијата го намалував бројот на прашалници во мојата глава и на крајот сѐ се среди“, изјави Хатиџа.
Таа изјави дека муслиманите во месџидот биле многу љубезни кон неа, а дека во нејзината средина наишла на различни реакции кои не ја промениле нејзината одлука.
„Од месџидот отидов кај пријателите и им кажав дека станав муслиманка, а тие ме замолкнуваа. Луѓето околу мене мислат дека ми е испран мозокот. Повеќе не влегувам во дискусии за тоа. Не се мешам во нивното верување и тие не би требало да се мешаат во моето“, изјави Хатиџа, и додаде дека некои нејзини пријатели прекинале контакт со неа и ја блокирале на социјалните мрежи.
Хатиџа има шест деца, а сѐ уште го чека вистинскиот момент да разговара со нив за нејзиното преминување во исламот.
Желба ѝ е што поскоро да ја посети Турција и да ги види големите џамии, музеи и турбеа на голем број историски личности во таа земја.
„Размислував дури и да се преселам во Турција. Планирам во јуни да ја посетам Турција ако тоа ми го дозволи пандемијата. Емотивно ми е кога само размислувам за тоа. Навистина сакам да го видам турбето во кое е погребан Ертугрул“, изјави Хатиџа.
Нејзините предци од Америка пристигнале од Норвешка, а неодамна направила и ДНК-тестирање да види дали во нејзиниот генетски код има каква било поврзаност со Турција.
Поради здравствени причини неодамна престанала да работи, а тврди дека досега се чувствува одлично и дека веќе некое време воопшто не пие ни лекови за анксиозност кои претходно ги користела редовно.
„Секое утро му се заблагодарувам на Алах. Луѓето главно не се ни свесни колку е краток животот. Сакам на луѓето да им порачам да не ги трошат животите на погрешни работи, како што тоа го правев јас. Истражувајте, не ја барајте смислата во облека, педикири, автомобили и вили. Трудете се да не бидете себични, туку да градите општество во кое ќе зборуваме за тоа како да се помогне на друг“, порача Хатиџа.