Симовски: Пописот е во интерес исклучиво на граѓаните, комбинираниот метод ќе даде високо ниво на квалитет на податоците – ММС
ММС

Објавено на: 02/5/21 2:31 PM

Симовски: Пописот е во интерес исклучиво на граѓаните, комбинираниот метод ќе даде високо ниво на квалитет на податоците

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денеска на прес-конференција ја објави Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот во април, која, како што рече, е објавена во Службен весник и може да се види и на веб страницата на ДЗС. Симовски ги повика граѓаните да ја сфатат сериозно оваа статистичка операција и оти тоа е исклучиво за креирање политики во интерес на граѓаните. Новина во овој попис, за разлика од минатиот, Симовски посочи дека ќе биде тоа што операцијата ќе се спроведува преку комбиниран метод, што ќе овозможи високо ниво на квалитет на податоците.

Директорот на ДЗС дециден дека било каков бојкот или одбивање на давање податоци е само на штета на граѓаните.

Според него, секој податок даден за време на пописот ќе се проверува преку неколку бази на податоци. Тој апелираше за веродостојност на информациите кои ќе бидат давани на попишувачите. Симовски рече дека покрај базата на МВР, во која се регистрира влез и излез од државата, ќе се користи и базата од Министерството за здравство, МТСП, УЈП, но и други бази на податоци.

Во однос на политичките изјави за можно одложување на пописот, Симовски истакна дека како Завод за статистика не коментираат политички изјави и оти се водат од Законот за попис, каде што е утврден периодот за спроведување на пописот и сите рокови врзани со пописот. Симовски истакна и дека дијаспората ќе се попишува еден месец пред започнувањето на пописот, односно преку апликација што ќе биде во функција од 1 март па се до завршување на пописот до 21 април. Посочи дека преку оваа апликација ќе се попишуваат лица само што се надвор од државата и таа е со посебни процедури и критериуми, додавајќи оти се работи за исклучително безбедна апликација.

– Лицата што се наоѓаат во странство, независно од должината на нивниот престој, има посебно апликативно решение што ќе биде поврзано со нашата веб страница, каде што ќе можат самите да ги дадат податоците за себе. Значи ова е главниот начин за податоци што сакаме да ги собереме од овие лица. Но бидејќи не можеме да гарантираме дека сегде ќе стигне информацијата за тоа дека се спроведува попис, даваме можност лица кои се во земјата да дадат податоци за лица за кои знаат дека се наоѓаат во странство и за кои ги знаат сите потребни податоци, рече Симовски, потенцирајќи оти не може да се дадат некомплетни податоци.

-Во тој случај апликацијата не го прифаќа одговорот. И кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на оние прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување. Тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот. Лице што не ги познава доволно, не може да даде податоци и нема да ги знае сите одговори и апликацијата нема да го прифати одговорот. Денес постојат можности за комуникација, лесни, достапни и евтини, да се искомуницираат тие лица кои се надвор и самите да ги пополнат податоците. Тоа е целта, и тоа би било најдоброто решение, посочи Симовски.

Со пописот се опфаќаат лица, домаќинства и станови, а лицата како единици во пописот што не се опфаќаат со оваа операција се дипломатскиот персонал на странските конзуларни претставништва, како и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал, и членовите на нивните семејства лоцирани во РСМ, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на пописот престојуваат во РСМ, странци кои се на службен пат во земјава, на одмор или лекување, странски државјани кои поради работа или школување дневно ја поминуваат државната граница… Симовски додаде и дека пописот нема да ги опфати празните станови во зградите во кои се уште не е дозволено вселување, објектите што не се користат за сместување на земјоделски орудија и алатки, како и колективните станови во кои не живее ниту едно индивидуално домаќинство.

Со пописот ќе се добијат податоци за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население и вкупно попишано население.

Резиденти, појасни Симовски, се оние државјани со место на живеење во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на пописот тие се наоѓаат во местото на живеење или на друго место во државата.

-Резиденти се и лицата странци кои престојуваат во Северна Македонија подолго од 12 месеци, а истото важи и за македонските државјани кои во времето на пописот живеат во странство помалку од 12 месеци. Во оваа категорија спаѓаат и бегалците кои се присутни во земјава подолго од една година. Под нерезидентно население спаѓаат жителите на Северна Македонија кои поради работа или поради друга причина се во странство повеќе од една година. Нерезидентни се и лицата странци кои престојуваат во државата до 12 месеци со одобрение за привремен престој, објасни Симовски.

Новина во овој попис, за разлика од минатиот, Симовски посочи дека ќе биде тоа што операцијата ќе се спроведува преку комбиниран метод, што ќе овозможи високо ниво на квалитет на податоците.

–Комбинираниот метод за спроведување на пописот има предности. Тоа е намалување на потребното време за прибирање на податоците, намалување на трошоците за пописната операција, намалување на потребното време за обработка на податоците, како и многу повисоко ниво на квалитет на податоците од пописот. Со овој метод ќе се користат и претпописни бази на податоци од МВР, МИОА, Агенцијата за вработување, МОН, МТСП, Агенцијата за катастар и многу други државни институции. Во пракса тоа значи дека попишувачите кои ќе одат на терен, ќе користат лап-топ компјутери, кои ќе бидат поврзани на посебно развиена веб-апликација. Системот содржи модул за администрација на корисници, модул за адресни податоци, за податоци за зграда, за стан, за список на лица, податоци за домаќинства, како и за управување со валидациски правила, рече Симовски.

Во пописот ќе учествуваат Државниот завод за статистика, Советот за статистика, Комисиите за пописни реони, а ќе има и 150 државни инструктори, 500 реонски инструктори и најмалку 5500 реонски попишувачи.

Во однос на пандемијата со коронавирусот, односно кој ќе ги попишува лицата кои во тој период ќе бидат ковид позитивни, Симовски рече дека сите протоколи за заштита ќе бидат применувани за време на пописот.

–На дневна основа ќе имаме евиденција кои лица се заболени и кои лица се во изолација. Многу дециден протокол ќе има и за сите останати лица кои би можеле да се заразени со Ковид-19, а не чувствуваат симптоми. Попишувачите нема претходно да бидат тестирани за Ковид-19, бидејќи сметаме дека такво нешто не би дало ефект. Едноставно, еден попишувач може да не биде заразен пред почетокот на попишувањето, а да се зарази за време на попишувањето. Но, протоколите максимално ќе ги следиме и попишувачите нема да смеат да влезат во туѓ дом без заштитна опрема, рече Симовски.

Собранието на 21 јануари го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија, според кој пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава. Законот гарантира одржување попис според меѓународните стандарди и стандардите на Евростат.

Опозицијата останува на ставот дека пописот треба да се одложи за наредната година, или ако се инсистира тој да се одржи пролетва, да се спроведе по електронски пат. ВМРО-ДПМНЕ, формално почна и иницијативата за укинување на Законот за попис. Наспроти барањето на ВМРО-ДПМНЕ за електронски попис, од СДСМ со став дека таков вид на статистичка операција нема да ги даде комплетните податоци какви што се потребни и кои треба да бидат според стандардите на Евростат.

Претседателот на државата Стево Пендаровски неодамна изјави дека според него не би било проблем спроведувањето на оваа статистичка операција да се одложи и да се одржи во мај или јуни, на што завчера и премиерот Зоран Заев изјави дека таквата можност е вредна за разгледување, но, нагласи, само ако станува збор за одложување од еден или два месеца.

 

МИА