МТВ и БНТ ќе ја смируваат атмосферата меѓу Македонија и Бугарија -Бучковски за новата иницијатива за градење доверба – ММС
ММС

Објавено на: 02/5/21 2:04 PM

МТВ и БНТ ќе ја смируваат атмосферата меѓу Македонија и Бугарија -Бучковски за новата иницијатива за градење доверба

Медиумите треба да ја одиграат клучната улога во смирување на атмосферата помеѓу Македонија и Бугарија, а реемитувањето на бугарски ТВ канали во македонскиот етер, односно на македонски телевизии во бугарскиот треба да биде големо придвижување кон завршување на процесот.

Специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски за ММС откри детали за се што е договорено помеѓу двете страни во областа на медиумите, образованието и бизнисот истакнувајќи дека тоа ќе влијае на затоплувањето на односите помеѓу двете земји.

„ Макс ТВ на Телеком ќе ја реемитува BNT4 како дел од балканскиот пакет од 1 март. Во исто време еден од каналите на Македонската радиотелевизија, сателитскиот канал, ќе се реемитува преку бугарските оператори. Имаме уште три барања за влез на бугарски приватни телевизии, ТВ Европа, ТВ Блумберг и Велнес ТВ, но тие се проверуваат во моментов како би можеле да влезат во пакетот на Макс ТВ. Истото ќе се направи и со неколку приватни национални телевизии за реемитување во Бугарија. МРТ и БНТ се пред потпишување на договор за размена на дописници и размена на забавна и музичка програма. Ова треба да кулминира со создавање на заедничка продукција во блиска иднина“, откри Владо Бучковски.

Освен реемитувањето на телевизиски канали, од денес македонската државна новинска агенија има и свој дописник од Софија, а дополнително ќе биде познато името на дописникот на БТА од Скопје.

Македонија и Бугарија најавуваат соработка во образовниот процес. Бучковски потврди за ММС дека месецов се очекува ректорот на софискиот универзитет заедно со неколку декани во Скопје да го посети универзитетот Св. Кирил и Методиј за да се договара размена на професори и студенти, како и да се договорат заеднички активности за следното лето.

„Ова е нова иницијатива за градење на доверба. Ние мораме да бидеме активни во процесот затоа што немаме време за губење. Имаме повеќе заеднички проекти, не сакаме да останеме само на историската комисија. Инсистираме на што повеќе соработка затоа што проценивме дека 2020 година беше загубено време за двете земји“, додава Бучковски.

Се планира и потесна соработка на бизнис заедниците од двете земји.

„Преку медиумите сакаме да ја направиме Македонија атрактивна за бугарските инвеститори. Но, како и кај медиумите и тука се планира соработка со реципроцитет. Големо внимание во следниот период ќе му посветиме и на ИТ-секторот“, вели специјалниот претставник на владата за Бугарија.

Орце Костов