Цртежи со разноразни бои и со различни тематики ги пречекуваат сите оние што ќе влезат на Клиниката за онкологија во Скопје. Цртежите на ѕидовите на оваа установа каде се лекуваат луѓето со рак ги нацртале дел од домашните уметници пред нешто повеќе од две години. Една од нив е и скопјанката, Андријана Мациев која свој придонес во проектот дала со тоа што на ѕидовите од чекалните за онколошките пациенти испишала мисли од Лујза Хеј.
„Се сакам себеси и одобрувам се’ што правам“ е само една од пораките со кои Андријана сакала да им даде мотив и надеж на сите болни од рак, но и на нивните семејства, без да знае дека и самата ќе се вброи меѓу нив. Две години подоцна, патот ја донел во истата просторија каде почнува нејзиното соочување со болеста. Борбата против ракот денес се одбележува на светско ниво и токму на овој 4. февруари Андријана Мациев за Македонски медиа сервис зборува за карциномот на дојка, кој и’ бил дијагностициран ланската година.
„Уште пред да дознаам дека имам карцином на дојка имав болки во грбот од кои не можев да се движам, се’ потешко одев. Бев на гинеколог на обичен рутински преглед и докторот ми препорача биопсија на матката во една приватна болница во Скопје бидејќи поради ковидот немаше термини во јавното здравство. Кога отидов таму, докторката меѓу другото ме праша зошто имам толкави болки во грбот и во целиот тој муабет јас и’ кажав дека извесно време имам грутка на едната дојка, па прашав дали може некој да ме прегледа и во врска со тоа“, ја почнува Андријана својата приказна. Таа сподели дека цела година претходно имала бениген тумор, но поради страв не одела на лекар за да се информира за состојбата.
Посетата во приватната болница всушност го „вклучила алармот“ и Андријана движејќи се со помош на количка, таму се согласила да и’ бидат направени низа испитувања, меѓу кои и биопсија на дојката, но и компјутерска томографија. Лекарите уште веднаш се посомневале дека се работи за рак и уште пред да ги добијат резултатите ја испратиле на државната Клиника за онкологија.
„Исконтактиравме со невладиниот сектор и веднаш се поврзавме со директорот на Клиниката, д-р Нино Васев. Уште утредента отидов на Клиниката, додека имав чувство дека моето тело се распаѓа. Болките беа толку многу неиздржливи што јас не можев ни да земам воздух. Истиот тој ден ги добивме резултатите од биопсијата кои потврдија дека имам карцином на дојка. Додека да се свестам, јас веќе станав онколошки пациент“, додава Андријана.
„Кога стигнавме на Онкологија, ме внесоа во количка, јас се чувствував како во друг свет да сум. Клиниката не ја доживеав како пред 2 години кога ги испишав мислите од Лујза Хеј која исто така се има лечено од канцер. Веднаш се најдов пред мојот цртеж и се почувствував како во друга димензија. Се вратив на истото место, овој пат како пациент, со болки, со стравови и со дијагноза карцином. Ми дојдоа солзи на очи. Се чувствував како друг човек, како јас да не сум го напишала тоа“, вели младата жена.
Во меѓувреме испитувањата покажале дека болеста метастазирала на повеќе органи и тој факт бил објаснување за неможноста да се движи.
„Веднаш ми дадоа инфузија за да немам болка. Докторот ми рече дека се’ ќе биде во ред и со целосна доверба му препуштив се’ на него. Секој ден одев на Онкологија, ги примав тие витамински инфузии. На 16. септември ми беше роденден и докторот ми рече да одморам дома, па следниот ден почнав со хемо“, раскажува нашата соговорничка чиј онколог решил дека таа треба да добие 8 хемотерапиии и 10 радиозрачења.
„Кога почнавме со хемотерапиите, д-р Нино ми рече дека за месец дена ќе ме крене на нозе. Навистина така се случи, јас веќе застанав на нозе, болките почнаа да се намалуваат, се движев. Скоро цел месец одев да примам витаммински терапии и кога бев веќе подобро, престанавме и останавме само на хемото. Примав и инекции за коските. Кога се почувствував подобро, кога почнав да сум поактивна ми се врати расположението, чувството дека тоа дошло за некое добро не може да се опише бидејќи ти помага да се видиш себеси и да извлечеш поука“, искрена е Андријана.
Нејзе и’ преостанува уште една хемотерапија, а со радиозрачењето веќе завршила. Дали и каква операција ќе има понатаму се’ уште не знае, вели дека целосно му верува на медицинскиот тим кој се грижи за неа. Таа и нејзината мајка за кратко време ги освоија симпатиите на другите онколошки пациенти бидејќи постојано објавуваат фотографии на кои се насмеани.
За разлика од многумина, Андријана нема потреба да носи перика. Горда е на својата убавина и губењето на косата поради хемото го доживеала како олеснување. Знаејќи дека нема да може да се носи со неконтролираното паѓање отишла кај бербер и долгата коса за миг ја снемало. Сепак, таа е убедена дека ќе и’ порасне нова и тоа уште поубава.
Ја прашавме и колку и’ помага уметноста во справувањето со сите потешкотии и предизвици што ги носи една болест како што е канцерот.
„Секогаш кога можам, сликам, бидејќи имав пауза и не можев да работам. За мене уметноста е издувен вентил исто како и дружбата со луѓе, одењето на изложби, колонии, но тоа ми беше скратено во овој период. Меѓутоа, дома работам колку што можам, изработувам цртежи. Моите цртежи се апстрактни, мотивот или инспирацијата е од нашето секојдневие. Љубовта кон животот, природата. Се’ она што не’ опкружува, секакви случки. Моите слики се познати по богатиот колорит, стилот ми е таков, изобилува со бои. Еден мој циклус на слики пред неколку слики беше наречен живот во бои, така го гледам животот во бои. Оваа ситуација ќе ја обојам со некоја нова изложба од се’ што сега имам како искушение“, додава Андријана.
Бидејќи денеска се одбележува Меѓународниот ден на борба против ракот ја прашавме какви поуки има извлечено од болеста која се чини, на луѓето секогаш им е далечна и мислат дека ним тоа не може да им се случи.
„Канцерот не го сфаќам како болест, туку повеќе како состојба на умот, духот и телото. Личноста кога добива болест треба да се сврти кон себе, да види што сака, што и’ годи и што и’ пречи. Да се одбере себеси , да се прифати, да се засака. Ракот не го нарекувам „зло“ и воопшто не го нарекувам со погрдни зборови“, смета Андријана според која прифаќањето е големо олеснување.
„Кога го негираш канцерот е потешко, бидејќи тој сепак е тука. За да дојде со исцелување и излекување треба да се засакаш себе и да работиш на својот ум, на психата. Да го зајакнеш умот, да ги видиш работите поинаку. Можеби за некој е смешно и чудно, но секој човек низ животот имал разни случки и доживувања и може да ескалира, да се појави во облик на канцер на кое било место во организмот“, вели скопјанката до која постојано пристигнува поддршка дури и од луѓе кои не ги познава.
До оние кои сега добиле документ во кој се вели дека имаат рак, упатува силна порака да не се плашат.
„Се’ почнува и завршува со нас. Нашиот ум треба да е силен, треба да сакаме да се избориме со сето тоа. Особено на жените им порачувам да не се плашат, нека одат на прегледи. Ако има нешто нека се дијагностицира што побргу, нека работат на себе, затоа што е значајно да се свртат кон себеси. Нека читаат, нека се хранат здраво, нека имаат здрави мисли, нека внимаваат дури и какви реченици формулираат“, советува Андријана.
Таа истакнува дека во денешно време многу е лесно човек да работи на себе бидејќи толку многу работи ни се на дланка.
Токму затоа таа чита многу книги, медитира, следи сесии со животни тренери, се едуцира за тоа како да ја подобри состојбата на духот. Канцерот во време на пандемија лани ја спречил да организира изложба по повод десет години од кариерата како сликарка, но цврсто верува дека годинава ќе успее да организира еден таков настан.
-Со мојата следна изложба сакам да го одбележам моето повторно раѓање. Болеста ја прифаќам и целата борба е за мое добро. Одам понатаму! – заклучува Андријана Мациев.
Вања Мицевска