Во штипско Пиперово се правеше свадба како пред половина век – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/18 7:02 AM

Во штипско Пиперово се правеше свадба како пред половина век

ММС, 23.07.2018

 

Стотици гости, од кои добар дел облечени во стари традиционални носии за тој крај, зурли, тапани, гајди, оро, како и се` што ги красело свадбите до пред пет-шест децении во штипските села, во саботата можеа да се видат на свадбата на Борче и Надица Ристови што ја направија во штипско Пиперово, родното село на Борче, кое во 1961 година имало 400 жители во стотина куќи, а денес во него живеат само две семејства, но за викенди малку живнува зашто на имотите и огништата си доаѓаат оние што се иселиле во Штип и во поблиските градови.


– Ние одамна сме во Германија, во граѓански брак сме седум-осум години, но голема желба ни` беше да направиме свадба според сите македонски обичаи од нашиот крај, да се венчаме во црквата „Св. Богородица“ во Пиперово, во кое немало свадба одамна – велат Борче и Надица, кои најголем дел од свадбата, за која обезбедија ручек и пијалаци за сите гости, ја финансираа сами, а во манифестацијата се приклучија и штипската локална самоуправа, „Еуроарт“ и Домот на младите, кој организираше превоз со автобуси до селото на падините на Серта, оддалечено дваесетина километри од Штип.


Свадбата почна во утринските часови со звуците на зурлите и тапаните, потоа веселбата според старите обичаи продолжи во домовите на момчето и на невестата, по која сватовите отидоа со коњи, па на селската чешма, продолжи со изворни игри, ора и песни, а заврши со венчавка во црквата во Пиперово. Борче и Надица се во странство, но направија куќа во селото, а градат или веќе изградија куќи во Пиперово и двајцата браќа и сестрата на Борче, од кои, освен едниот брат кој е во Штип, сите останати се во Германија, но не забораваат на родното село.


Од „Еуроарт“ и од штипската локална самоуправа размислуваат ваквата свадба во иднина традиционално да се организира секоја година во различно село.