„Да бидеме генерација што ќе решава, а не што ќе се жали“ е мотото на лидерот на средношколците во Македонија, Бленди Ходаи (18) кој деновиве ја предводи битката на матурантите за промени во концепцијата на државната матура.
Приказната на Бленди, матурант од Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово почнува на негова 15-годишна возраст кога како ученик во прва година решил да го крене гласот против одлуките на тамошниот директор за избор на локација за училишна екскурзија. За ММС тој раскажува што влијаело на изборот да се вклучи во средношколското движење и кој бил поводот да почне со барања за промени за поквалитетен образовен систем.
“Лично ми пречеше фактот што на училиште секогаш дискустиравме со наставниците за проблемите што ги имаме, но само се жалевме, а ништо не преземавме. Тогаш требаше да одиме на екскурзија во Охрид, но во договор со сите средношколци одлучивме дека треба да ја промениме локацијата затоа што неколку години по ред одевме таму. Сакавме да одиме во Приштина, но сите се плашеа да го известат директорот. Јас собрав храброст и му кажав дека не прифаќаме за наши пари некој друг да одлучува за патување. По неколкудневни притисоци директорот ја поддржа нашата одлука. Овој настан беше повод да креираме нов Сојуз на средношколците и да ги обединиме дотогаш десетте различни организации со цел да се бориме за подобар образовен систем. Одлуката да бидеме генерација што ќе решава се случи во ноември 2017 година“, раскажува Бленди.
Тој потекнува од модерно семејство каде што неговиот мислење им е важно на родителите кои имаат безрезервна поддршка за неговите активности.
„Во семејството имаме традиција да дебатираме долго за проблемите и да ги бараме решенијата затоа што секој глас се слуша. Семејството ми даде можност да се борам за средношколците и ме поддржува во сите одлуки“, вели Бленди и додаде дека сака да живее во земја во која образовниот систем е приоритет на сите влади. Според него, пандемијата само покажала колку државата не се грижи за образованието.
Како и сите матуранти, и Бленди крои планови каде ќе го продолжи своето образование. За ММС тој откри дека негов избор ќе биде образовниот систем на Словенија, земја во која студентите се приоритет на државата. Иако му оди математиката, последните промени влијаеле да се одлучи за нешто друго.
„Се одлучив за Факултетот за студии за мир и конфликт. Мислам дека ова искуство можам да надградам со изборот на овие студии. Знам дека таму има студентски активности и сакам ова што го правам сега тука, да го продолжам таму. Тука студентските организации не се борат доволно, а тоа мене ќе ми недостасува. Треба да сфатиме ние учениците дека студентските права се универзални права и не познаваат боја, раса, верска или етничка припадност“.
Како лидер на средношколците Бленди Ходаи деновиве добива поддршка и од политичките партии. Но, тој политиката не ја гледа како цел, туку како алатка да се оствари нешто подобро.
“Политиката не ми е цел, туку алатка за промени. Во Македонија ако се борите како невладина организација, не можете да постигнете многу. Затоа, ако некогаш се вклучам во политиката, ќе ја искористам за да ги направам промените кои ги сакам“ вели Бленди.
Поради зголемените обврски Бленди ја запоставил својата голема љубов, кошарката, а обожава да игра и пинг-понг.
Бленди за себе вели дека е решителен и посветен на борбата за подобро образование, па затоа и не обрнува внимание на говорот на омраза на интернет кон него и Сојузот на средношколци.
“Има изолирани случаи засега, но тие може да бидат ризик за иднината. Сега кога сме сите заедно, не треба да биде проблем зошто јас сум Албанец и претседател на сојузот. Не може ваква реторика да има во општеството, затоа што се бориме за подобар образовен систем на сите“.
Орце Костов