Мексико со протестна нота до Франција поради аукцијата на артефакти од времето пред Колумбо – ММС
ММС

Објавено на: 02/3/21 11:31 PM

Мексико со протестна нота до Франција поради аукцијата на артефакти од времето пред Колумбо

Мексиканската Влада ѝ упати протестна нота на Франција поради планираната аукција во Париз на 39 статуи и артефакти што им припаѓаат на цивилизациите од пред периодот на Колумбо, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Диего Прието Ернандес, претседателот на Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја, изјави дека покрај дипломатската нота, тие ќе поднесат и кривична пријава.

Наведувајќи дека продажбата и извозот на овие артефакти се нелегални, Ернандес рече:

„Нашата работа не е со Франција или француската Влада, туку со тоа што културното наследство се комерцијализира. Мексиканската Влада не прифаќа грабеж и незаконска продажба на нејзиното национално наследство, и нема да прифати.“

Во Мексико, со законот донесен во 1972 година се забранува извоз и продажба на артефакти од цивилизациите пред периодот на Колумбо.

Мексиканската Влада се обиде да спречи друга аукција на 120 парчиња во Франција во 2019 година, но тоа не беше успешно.

Париската филијала на аукциската куќа „Christie’s“ соопшти дека на аукцијата што ќе се одржи на 9 февруари ќе се продаваат 39 историски артефакти што им припаѓаат на цивилизациите од периодот пред Кристофер Колумбо да го открие американскиот континент.

Меѓу делата што ќе се продаваат на аукцијата се камена маска стара 1500 години, пронајдена во античкиот град Теотиуакан, што се наоѓа на север од главниот град Мексико Сити, и статуа на божицата од античката цивилизација Тотонако.