Почна судењето преку кое Роберт Димитров сака да го замолчи Горан Гаврилов – ММС
ММС

Објавено на: 02/3/21 10:29 PM

Почна судењето преку кое Роберт Димитров сака да го замолчи Горан Гаврилов

Во Основниот суд во Штип денеска се одржа рочиште по тужбата за клевета на Роберт Димитров против Горан Гаврилов за јавно искажан став. Димитров не се појави на судењето, туку во негово име зборуваше адвокатот, кој побара Гаврилов да не оцрнува Димитров, бидејќи како што рече, тој бил успешен бизисмен. Како аргумент наведе неколку награди и признанија на негово име и име на неговите фирми. Гаврилов е тужен за искажан став како новинар, кој доживеа вербален напад и закани по неговиот живот. Додека ова судење е пред пресуда, судењето за нападот се’ уште не е ниту почнато. Дури предметот против напаѓачот Горан Стојанов – Коцка е споен со негова контратужба против Гаврилов.

Како што веќе пишуваше ммс.мк по заедничката тужба со Роберт Димитров – Роби, нова тужба против управителот на Канал 77, Горан Гаврилов поднесе неговиот напаѓач, Горан Стојанов – Коцка. Во првата тужба со Роби, Стојанов Коцка бара судот да го осуди Гаврилов за навреда и клевета, додека со најновата, за делото „Загрозување на сигурноста“.

Оваа тужба всушност е контранапад и контратужба откако Горан Гаврилов во приватна тужба преку суд бара да одговара Стојанов Коцка, по упатените заканите по живот на Гаврилов и вербалните напади од 14 мај годинава. Со новата прватна тужба од напаѓачот Стојанов Коцка се става во позиција на жртва и со искази на негови сведоци, кои ги предлага, бара судот да го осуди Гаврилов за загрозување на сигурноста.

При тоа, оваа тужба следи кратко време откако Гаврилов му поднесува на Стојанов Коцка тужба за нападите и заканите по живот на Гаврилов. Коинциденција или не, ист адвокат го застапува напаѓачот Стојанов Коцка и во неговата приватна тужба и во заедничката со Роберт Димитров – Роби против Горан Гаврилов.(ммс.мк 09.12.2020)

Пред Судот, Горан Гаврилов рече дека днешното судење за клевета како новинар, е обид да се замолчи и ограничи неговото демократско право на став.

Изрекувањето на пресудата е на 11 февруари.