Интензивно се грижи за физичкото здравје, а за време на студиите учела што значи грижата за менталното. Младата струмичанка, Софија Манчева станува се’ попопуларна меѓу девојките на инстаграм, кои ги советува како правилно да вежбаат и да го сакаат своето тело. Додека Софија работи како фитнес тренер, таа го спроведува во пракса и она што го научила како студентка по психологија. Токму затоа Македонски медиа сервис со неа разговараше за симбиозата на физичкото и менталното здравје, односно како овие две компоненти на целокупното здравје се надополнуваат.
-Како студент за време на летото уште во втора година започнав да работам во теретана, затоа што сакав да го исполнам времето со нешто корисно за себе и за другите. Претходно веќе вежбав, па си реков зошто да не се фокусирам и малку повеќе да научам и да работам нешто инетресно. Па така секое лето ми беше исполнето, и секое лето ми стануваше поинтересно. Учев многу за себе и за сопствените граници, изгледот ми се менуваше и стигна момент да почнат да ме прашуваат девојки дали можам да им помогнам и да им ја кажам тајната. Немаше тајна, едноставно сакав да им покажам дека тоа е еден целосно поразличен стил на секојдневие и дека сите можат без разлика какви навики имале досега. Така случајно почнав да вежбам и со други девојки за после некое време тоа да премине во моја втора професија – вели Софија во интервју за ММС.
Додека го подготвувала дипломскиот труд почнала да учи и психотерапија, по што се вработила како психолог, но не се откажала од личните тренинзи.
-Таа синергија од двете професии трае до ден денес, само со тоа што веќе не работам персонални тренинзи еден на еден затоа што не можев да постигнам, а имаше голем интерес, па решив да направам програми што ќе може да ги следи секоја една девојка што сака да тренира со мене, исто како да сме заедно. Јас имам канцеларија за психолошко советување и психотерапија (за некој месец ќе бидам психотерапевт под супервизија), но паралелно и работам online со голема група на девојки кои се на моите програми – додава Софија.
Софија раскажа и од каде ги црпи знаењата за правилно изведување на вежбите, бидејќи познато е дека кога се прават неправилно тоа доведува до контра ефект.
-Секојдневно читање на истражувања, текстови, аудио книги, читање пред спиење…Едноставно има толку многу работи што секој ден има можност да се научи нешто ново. Јас се трудам тоа да го искористам и секој еден слободен момент го користам да читнам нешто корисно. Се разбира моето искуство од 8 години во теретана е исто така тука. Најмногу сум научила преку сопствените грешки, и некои од нив навистина скапо ме чинеле. Меѓутоа без разлика на се’, многу сум благодарна за целото мое искуство и навистина не би променила ништо. Затоа сега се трудам преку моите програми да им пренесам не само вежби на девојките туку и многу едукација за правилно изведување на вежби, правилна исхрана, добар мисловен процес и целата позитивна борба со себе кога ќе се решиш дека сакаш промена, вели таа.
Таа се грижи за своето физичко здравје, а високото образование го посветила на грижата на менталното, па оттаму ни објасни како физичката активност влијае врз психата на луѓето и какви придобивки може да извлечеме од физичките активности.
-Тргнав во таа приказна без да мислам дека ќе стигнам до момент во којшто гледам дека всушност едното без другото не оди. Нема да зборувам напамет туку ќе споделам искуства од мене и од оние девојки и жени кои зборувале за нивните промени откога почнале со физичка активност.
Промена во сликата за себе и односот со самиот себе, поголема самодоверба, поголема дисциплина и фокус што помагаат и за други сфери од нашиот живот. Подобар сон и подобро либидо.Чувство на лесностија и чисти мисли. Регулација на хормони, дијабетис, тироида, промена во физички изглед…..многу придобивки и сметам дека секој еден од нас заслужува да се почувствува така.
Софија објасни и дали преку физичка активност може да го намалиме стресот или да придонесеме за ублажување на проблемите кога имаме и нешто посериозно како анксиозност или депресија.
-Се разбира дека може. Дури и многу често на терапија се препорачува физичката активност. Од самата индивидуа зависи што ќе избере како физичка активност, и во некои случаи се препорачуваат конкретни техники пример на дишење, јога, пилатес, за да се ублажи/превенира одредена состојба.
Многу луѓе имаат споделено (вклучувајќи ме и мене) дека вежбањето е терапија. Баш така е. Одиш, вадиш се’ од себе како низ вентил и после тоа чувството на леснотија е незаменливо, вели Софија.
Не секој секоја вежба треба да ја работи. Затоа таа ни објасни како да знаеме, односно да процениме, какви физички активности се најсоодветни за нас? На пример, ако некој нема многу кондиција дали е доволно пред се’ да почне со пешачење или некои поедноставни вежби за истегнување дома.
-Ако се работи за почетник, може да се почне со лесно кардио како пешачење,возење точак, трака или орбитрек. Поедноставни вежби со темпо кое одговара, 3 пати неделно од 30-40 минути се сосема доволни.
А за тоа како проблемите со менталното здравје се манифестираат физички, дали може да се јави болка во одреден дел од телото и што да се направи во тој случај, но и дали тука може да помогне слушањето музика, читањето книга, гледањето филмови и слично.., колку ваквите навидум рутински работи може да направат да се чувствуваме поудобно, Софија вели:
-Многу состојби имаат и физички знаци (анскиозност на пример). Во зависност од тоа кој степен и за каков тип на анскиозност се работи често физичките знаци се неизбежни и се приметливи.
Од друга страна Психосоматиката е една страна на психологијата којашто е доста застапена и се’ почесто се зборува за тоа. Со целиот стресен живот низ којшто поминуваме денес, без разлика дали акутен или хроничен влијае на сите системи во нашето тело и тоа носи до предизвикување на одредена телесна болест поради најразлични психолошки фактори. Најчесто симптомите се јавуваат на одреден орган, а со самото тоа се менува и неговата нормална фунцкија.
Не значи дека секој ќе развие нешто ако е подложен на стрес, но многу често се јавуваат вакви ситуации и секој реагира различно и многу често луѓето се несвесни за ваквите состојби.
Би препорачала психотерапија и разговор, затоа што најпрво сметам дека нивото на свесност мора секој од нас да го зголемува секојдневно, а дури потоа да создава нови навики коишто ќе бидат добри за него. Ако не си во добар контакт со себе, тогаш само моментално и кратктрајно може да ти биде нешто од помош. Но, ако се стремиме кон нешто што ќе трае повеќе, мора работа на личен раст и равој. Тоа би го издвоила како најважно, колку и да е тешко понекогаш.
Со оглед на тоа дека е активна на социјалните мрежи, корисниците особено девојките и’ се обраќаат за совети, бараат помош од неа.
-Секојдневно, многу често бараат. Се случува да не успеам да вратам неколку денови, но секогаш одговарам на сите прашања. Најчесто се многу важни и исто како што некој друг одвоил време да ми се обрати баш мене, тоа го почитувам и ценам и така и јас одделувам од моето време да дадам одговор, искуство или совет. Најчесто е поврзано со исхрана, тренинзи, но најмногу од се’ со психологија и работа на себе.
Вања Мицевска