После цели 14 години македонскиот јазик за првпат е испишан во официјален документ на ЕУ, вели Димитров – ММС
ММС

Објавено на: 02/3/21 6:12 PM

После цели 14 години македонскиот јазик за првпат е испишан во официјален документ на ЕУ, вели Димитров

Во Собранието попладнево продолжи расправата за интрепелацијата на  вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски даде еден час пауза на барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески по говорот на пратеникот Димитар Апасиев од Левица и контрарепликите што следуваа потоа, а се однесуваа на меѓусебни прозивки за изговарањата на имињата на пратениците.

Пратениците од власта и опозицијата се со спротивставени ставови за работата на Димитров. Според опозицијата, причина за интерпелацијата е манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој прави големи проблеми на државата и за недобивањето датум за пристапни преговори со Европската унија. Му забележуваат и за нетранспарентност во неговиот однос кон Собранието како и дека власта преговара за идентитетот и јазикот.

Пратеничката Велика Стојкова – Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за македонскиот јазик и македонскиот индентитет од научен аспект.  – Ние во изминативе четири години доживеавме бришење на името Македонија. Но, не само на името Македонија, туку и на придавката македонски во сите државни институции, рече Стојкова – Серафимовска. Посочи дека сега ние немаме Македонска филхармонија, Македонска опера и балет, променети се имињата на музеите…

Според неа, Димитров немал доволно изјави на странски јазици кои се однесуваат за македонскиот јазик и за македонскиот индентитет.

Димитров, во реплицирајќи и на пратеничката Стојкова – Серафимовска,  рече дека за нас тука дома и во светот македонскиот идентитет и македонскиот јазик е затворена работа и нема да дозволиме некој повторно тоа прашање да го отвори.

-Последното, најдов во Die Welt каде овие наши принципи и позиции ги пласирам, паралелно со германскиот министер за Европа, Михаел Рот, заедничко интервју имавме во декември. Во Политико ЕУ, најактуелниот портал за проблематиката на Европската Унија, исто така еден долг текст со неколку цитати од моја страна. Имам едно интервју за неделникот МИМ во Србија – ова само од месец декември и имам и Ал Џезеира, регионалната телевизија што го покрива и Балканот, насловот тука е „Нема да отстапиме од македонскиот јазик”, рече Димитров.

Вицепремиерот се осврна и на резултатите од Преспанскиот договор.

– Еден од резултатите на Преспанскиот договор меѓу другото е и тоа што по комплетирањето на тој процес, службите во Европската Унија во Брисел излегоа со меѓуинституционален водич за употреба на името и терминологиите каде јазикот е кристално чист македонски јазик и врз основа на тоа Европската комисија како чувар на принципите, стандардите и темелните документи на Европската Унија, вклучувајќи го и Лисабонскиот договор, во членот каде вели дека треба да подготвуваме целото европско законодавство да го преведеме на македонски, да бидеме спремни и да имаме преведувачи од македонски на другите официјални јазици на Европската Унија пред да стапиме во членство, после цели 14 години македонскиот јазик за првпат е испишан во официјален документ на Европската Унија, рече Димитров.

Во однос на Грција, како што рече, гледано од договорите, неколку такви потпишавме, овој беше за отворање на нов граничен премин за Маркова нога-Лемос, Грција го потпиша на грчки и македонски јазик, мислам дека и на англиски јазик.

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица се задржа на сработеното на Димитров, на неговата кариера, на почетоци во политиката и кога тој бил, како што рече, член на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу другото, потсети и на државната стипендија која ја доби ќерката на Димитров и праша дали таа се врати да работи во државната адмистрација за плата од 300 евра.

Во реплика Димитров рече „Нашата татковина, за нашата Македонија многу Македонци и Македонки оделе во затвор и јас сум спремен таа цена да ја платам за македонската кауза! Некои оделе во затвор, а некои ги пикале во затвор ама размислете тоа вас во која категорија ве става и каква место си резервирате во македонската историја”, нагласи Димитров.

Посочи дека за него ова е три и пол години учество во извршната власт, а во јуни точно четири или е втор мандат. – Освен оваа таканаречена во наводници афера за стипендијата на ќерка ми, и покрај исклучителната способност и имагинација на фабриката за афери, не сум чул. Дали ќе се запрашате можеби зошто? Во меѓувреме ќерка ми дипломираше, таа како и сите други граѓани на оваа држава си има права и обврски и како што може да има здравствена заштита, може да аплицира, изјави Димитров.

Потсети дека и Антикорупциската комисија заклучила дека причината зошто добила стипендија не била тоа што, како што рече, јас сум ѝ татко, туку тоа што се запишала во определената област на еден од најдобрите 100 универзитети.

-Таа си дипломираше, јас немам намера нешто тука да се активирам, бидејќи ако се активирам се разбира дека ќе биде непотизам. Таа ѝ е на располагање на државата, ќе видиме што ќе направи државата во тие определени рокови. Меѓутоа, толку многу помина и толку многу имаше напади заради мојата професија и заради македонските битки, рече Димитров.