Марш за „Јавна соба“: Непостапувањето на институциите е кривично дело – ММС
ММС

Објавено на: 02/3/21 5:30 PM

Марш за „Јавна соба“: Непостапувањето на институциите е кривично дело

„Ти не си виновна“, „Држава што угнетува е држава што силува“ беа дел од извиците кои присутните на денешниот протестен марш со мотото „Јавна соба е кривично дело“, пренесоа гласна порака до институциите за неодложно и темелно да се расчисти случајот „Јавна соба“, како и соодветни казни за администраторите и членовите на оваа група.

„Бараме во Кривичен законик да влезе интернет вознемирување, кое што во моментов не е регулирано, а е од особена важност и тоа е една од причините зошто сме тука“, изјави Калија Димитрова од Платформата за родова еднаквост.

Таа и девојката која прва храбро во јавноста зборуваше дека е жртва на групата „Јавна соба“, Ана Колева од пред МВР каде и започна протестниот марш пренесоа гласни пораки упатени до институциите.

„Овој колективен гнев треба да се канализира, да се застане цврсто, без компромиси во легитимната борба за нашите животи, емоциите се наши политички и животни ресурси. Да ги искористиме! – Одбивам да прифатам дека треба да изгледам, се движам, зборам, се сликам на одреден начин за институциите да постапат соодветно за кога ќе бидам нападната“, изјави Калија Димитова.

„Нека ова биде почеток на големи промени кои што ќе се случат во ова општество, нека се донесе закон но и тој закон да се применува, нека се едуцираат институциите, нека се едуцира секој човек како треба да се однесува, за да имаме поубаво и посреќно општество, за нас но и за идните генерации кои доаѓаат“, изјави Ана Колева.


Протесниот марш со стотина подржувачи на иницијативата, од МВР преку скопските булевари, пораки пренесоа и пред Основното јавно обвинителство, извикувајќи „Јавна соба е кривично дело“ и „Разбуди се ОЈО“.

Марта Гусар, како адвокатка која застапувала жртви од различни насилства сподели искуство како од бранител на жртва, станала таа самата жртва на сексуално вознемирување. Таа побара еднаков третман од страна на институциите за сите жртви и подели совет како да се заштитат.

„Пријавување со телефонски броеви, скриншотови на сите разговори кои што се одвиваат, и со тоа во најблиската полициска станица каде јасно ќе се укаже дека станува збор за сексуално вознемирување и да бара потпишување на записник, односно примање на пријава и фоокопија од записникот или барање за издавање потврда за пријавен настан“, изјави Гусар.

Не ефикасноста во казнувањето на Основното јавно обвинителство на сторителите на родово засновано насилство ни е познат одамна, овој заклучок само ни се потврди со случајот „Јавна соба“, изјави Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини.

„Институцијата е особено неефикасна кога станува збор за сексуално вознемирување на интернет, па низ годините слушнавме различни оправдувања за некасзнуавње на сторителите. Нашите пријави за онлајн вознемирување и говор на омраза завршуваат со пријавувањето, без да добиеме било каков одговор или во најдобар случај Основното и Вишото јавно обвинителство да си ја префрлуваат топката“, изјави Дрндаревска.

Г.Д