Стравот, срамот и вината како последица на лечење на стресот со прекумерен внес на храна:  Психологот Јасмина Михаиловска за емоционалното прејадување и депресијата – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/21 11:00 AM

Стравот, срамот и вината како последица на лечење на стресот со прекумерен внес на храна:  Психологот Јасмина Михаиловска за емоционалното прејадување и депресијата

Кога луѓето на стресот постојано одговараат со храна, тие имаат проблем со емоционалното прејадување. Всушност, прејадувањето  никогаш не е препорачливо, но кога е емоционално упатува на одредени проблеми со менталното здравје кај поединецот. Кога луѓето се прејадуваат водени од своите емоции, тие внесуваат големи количини храна неконтролирано. Тоа прави да се чувствуваат физички полошо, но и дополнително го продлабочува менталниот проблем кој се обиделе да го решат преку храната.

Што сѐ може да доведе до една ваква состојба, која е улогата на психолозите во справувањето со неа и дали намалените социјални контакти поради актуелната пандемија може да доведат до проблеми со исхраната од овој тип – се само дел од прашањата кои за читателите на ММС ги објаснува психологот, Јасмина Михаиловска.

Како психологијата го „дефинира“ емоционалното прејадување и колку тоа може да упатува на проблеми со менталното здравје кај поединецот?

-Веројатно сите во некоја ситуација знаеме да се прејадеме, некогаш и самата ситуација ни го наметнува тоа (пр. различни социјални собири и слави). Емоционалното прејадување рефлектира шема на повторувачко однесување  кое значи губење контрола и отпосле предизвикува стрес кај индивидуата. Индивидуите кои се прејадуваат имаат фреквентни епизоди на неконтролирано јадење, јадат многу побрзо од нормално и продолжуваат со јадење и по точката на нелагодност од прејаденост. Овие прејадувања најчесто се следени од чувство на вина, срам и депресивност. Најчесто прејадувањето води до зголемена тежина, но не и секој кој е со зголемена тежина е емоционален прејадувач.

Иако прејадувањето предизвикува одредени емоции како вина и срам, постои и обратната релација, каде овие чувства водат до прејадување. Односно единствен начин индивидуата да може да се оттргне од моменталните чувства е пренасочување на таа енергија кон однесувањето.

Менталното здравје ја опфаќа и релацијата помеѓу телесното и психичкото, но денешното темпо и динамика на живот често влијаат на прекин во таа релација. Емоционалното прејадување може да не упати дека нешто се случува во позадина, на психички план и повикува да биде решено.

Дали емоционалното прејадување всушност е некако поврзано со физичкиот глад?

-При физички глад јадеме како одговор на физиолошка потреба. Телото испраќа сигнали дека му е потребно гориво за да ги врши секојдневните задачи. Физичкиот глад е стрес за телото и јадењето нутритивна храна е одговор за намалување на тој стрес.

При појава на стрес од други причини, во телото се лачи хормонот кортизол кој го припрема телото за одговор на стресна ситуација – зголемување на притисок, забрзување на дишење и срцебиење. Тогаш може да дојде и до чувство на глад и да се јави желба за храна. Но ова е најчесто многу ургентно и надвор од контрола на индивидуата, за разлика од физичкиот глад кој може и да се предвиди дека ќе се појави по одредено време нејадење.

Доколку често се оставаме подолго без храна и животниот стил ни е со помалку сон и повеќе стрес, мозокот добива сигнал дека е гладен. Но степенот на контрола врз однесувањето поради умор и пролонгиран глад ни е помала и полесно ќе дојде до прејадување.

Кои се причините што може да доведат до емоционално прејадување?

-Емоционалното прејадување е компулсивен чин. Самиот поим компулсивно кажува дека однесувањето се прави со цел намалување на одреден стрес – стресот расте доколку не се спроведе компулсивното однесување. Така на пример, лутината може да расте доколку таа енергија не ја пренасочиме кон храната. Во овие ситуации прејадувањето не е проблем – тоа е одговор на проблем. Како и алкохолот или зависноста од социјални медиуми, прејадувањето може да биде брз и моќен одговор на тешки емоции и внатрешни процеси. Емоционалното прејадување станува механизам за справување со потешкотиите, не дозволувајќи долгорочно да се решат одредени проблеми, затоа што не го решава причинителот за прејадување.

Храната во многу ситуации е доживеана како награда – доаѓа до лачење на допамин во мозокот, па после долг и стресен работен ден, помислата за храна заситена со шеќери или масти може да звучи како заслужена награда.

Како причина за прејадувањето е и несвесност за она што се случува во нашето тело. Во отсуство на контакт со телесните процеси, лесно може да се продолжи да се јаде сѐ додека има храна пред нас, наспроти свесното следење на телесните знаци кои ќе кажат дека сме заситени.

Сликата за себе и своето тело се исто важен причинител за емоционално прејадување. Иако звучи контрадикторно, но индивидуи кои се незадоволни од својот изглед, кои имаат негативен однос кон физичкото тело, често го имаат проблемот со прејадување. Тие си наметнуваат строги диети, тешка физичка активност, па повторно се навраќаат кон прејадувањето и постојано се вртат во тој круг. Притоа постојано расте чувството на вина и срам. Овие чувства понатаму го одржуваат проблемот. Неможејќи да се носи со тежината на срамот, индивидуата повторно ќе посегне по храна за олеснување.

Какви проблеми може да предизвика оваа навика, односно каков влијае врз физичкото, но и врз психичкото здравје? Дали е „исплатлива“ оваа навика која им нуди некаква утеха на луѓето што се прејадуваат, а притоа можеби е  краткотрајна?

-Компулсивното прејадување во некои ситуации е единствено решение, емоцијата е толку силна што индивидуата единствено може да ја намали истата преку прејадување. На краток рок ова го решава проблемот, го пренасочува вниманието, го затупува чувството кое било тешко. Во моментот на прејадување се лачат хормони кои водат до смирување и брзо учиме дека тоа е ефективен начин да се справуваме со ситуациите.

На долг рок покрај очигледното негативно влијание на физичкото здравје, оние емоции кои следат по прејадувањето – срам, вина и тага, на некој начин го одржуваат проблемот. Многу често депресивните нарушување се поврзани со вакво компулсивно однесување. Може да дојде до повлекување од социјални ситуации поради срам од својот изглед или поради страв од осуда. Овој срам го „храни“ негативниот однос кон себе и телото, и индивидуата смета дека не е вредна за сакање и љубов. Паралелно може да дојде до градење на слика за тоа како треба да изгледа и постојано да се казнува затоа што не го постигнува тоа.

Кој е патот кој води кон опоравување? Кога се работи за исхраната луѓето вообичаено се обраќаат кај нутриционистите, но каква е улогата на психолозите на ова поле, со оглед на тоа дека токму тие се професионалците кои може да придонесат за поголема емоциона интелигенција?

-Прејадувањето е повеќеслоен проблем. Тоа што психолозите може да го дадат е идентификување на тригер ситуациите – кога настанува прејадувањето; одржувачките фактори на ова однесување; емоциите и потребите кои стојат во позадина и заедно со клиентот да наоѓаат ефективни начини на справување со емоциите и алтернативи за задоволување на потребите во позадина. Во работата со психолог, индивидуата добива безбеден простор каде може да си дозволи да ги чувствува и потешките емоции. Да им даде глас и на оние нешта кои храната ги „замолчува“ на некој начин. Емоционалната интелигенција значи и здрави механизми на одбрана во стресни ситуации. Клиентот во работата со психологот експериментира со нови начини на однесување и полека гради нови навики. Во тераписки контекст може да се работи на сликата за себе, менување на негативниот однос кон телото и себе-прифаќање. Сето тоа води кон здрав однос кон телото и го враќа контактот на психичкото со телесното.

Важно е да се разбере дека ова е процес, не е едноставна промена. Процес во кој може да има чекори назад, но да не се изгуби мотивацијата да се продолжи.

Дали и колку луѓето според Вас, се свесни дека посегањето по храна врз основа на емоции, само по себе е проблем?

-Кај некои индивидуи свесноста е многу ниска. Тие не препознаваат во кои ситуации се прејадуваат и не ги поврзуваат чувствата и прејадувањето. Единствено го препознаваат моменталното задоволство од храната. Сепак многу од индивидуите кои имаат проблем со прејадување се свесни за проблемот кој го имаат, меѓутоа наместо оваа свесност да е промотор за промена, тие најчесто се само-обвинуваат и се срамат од себе. Полесно се затвараат и не зборуваат за проблемите. Започнуваат одредени диети, си наметнуваат строги правила за исхрана и вежбање,  при тоа воопшто не слушајќи си го телото и тоа што му е потребно. Најчесто ваквите диети водат во релапс – одново враќање кон компулсивното јадење.

Практикување на свесно јадење, што може да биде навистина тешко на почеток. Но со доволно вежбање и повторување, тоа ќе премине во навика. Свесно јадење значи фокусираност на физичките сензации предизвикани од храната, бојата, изгледот, мирисот, вкусот, текстурата. Следење на физичките сигнали, работата на цревата, дишењето, бавно џвакање. Тука е важно да не се западне во само-осудување доколку ова не оди лесно. Сепак е ова промена, за која е потребно време и пракса.

Дали пандемијата го зголеми овој проблем или се очекува допрва да доведе до емоционално прејадување, ако се знае дека истата ги намали социјалните контакти меѓу луѓето, повеќе се затворивме дома и јавно почна да се зборува за тоа дека многумина поради здодевност почнале да јадат повеќе?

-Пандемијата влијаеше и се’ уште влијае на многу начини, често забрзувајќи и зголемувајќи одредени случувања, проблеми и потешкотии. Кај индивидуи кои имале претходно проблем со исхраната во оваа ситуација може полесно да се повтори истиот. Или пак семејства во кои се зголемени конфликтите поради зголемено поминување време заедно, може да предизвикаат кај одреден член да посегне преку храната да го „олеснува“ стресот. Неструктурираното време и ограничените активности исто така може да се компензираат со прејадување. Затоа е важно да се одржи контактот со емоциите, да се дозволи анксиозноста, стравот, лутината да се почувствуваат, да се најде соодветен канал истите да се процесираат. Самиот пролонгиран стрес од пандемијата, води до изнемоштеност која знае да биде ублажена со прејадување. Стравот од болест, од смрт, од загуба се актуелни и поизразени периодов, затоа е важно да бидат препознаени и уважени.

Како техники овој период се корисни водењето дневник, отвореното зборување за емоциите на сите членови на семејството и поставувањето граници на улогите во семејството. Структурирањето на времето со активности кои ја промовираат нашата добросостојба – физичка активност, доволно сон, учење нови вештини, вежбање јога и одржување на контактите. Контактите се ограничени, но современата технологија дозволува да ги одржиме и креативно да ги менуваме.

 

Вања Мицевска