Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС) најавува дека ќе ги преземе сите легитимни мерки доколку не престанат притисоците врз синдикатот и членовите на синдикатот.
Во пишано соопштение до медиумите посочуваат дека вчера одржа прес-конференција Синдикатот на zатворите, синдикална организација при Синидикатот на администрација и државна управа на Македонија (САДУ) на која,како што посочуваат, беа истакнати проблемите со кои се соочуваат во рамките на синдикалната организација, почнувајќи од деградирање на членовите, па се’ до фингирани постапки кои на крај под притисок завршуваат со отказ.
-Сето тоа го препишуваме на активностите коишто ги преземавме во претходните неколку денови, притисокот почна да се рефлектира и врз останатите наши членови, а започна и нивно деградирање, што согласно Законот за работните односи и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои ги има ратификувано и Македонија, е спротивно дејствие и во целост ги загрозува човековите права како и слободите на синдикалното организирање, велат од КСС.
На уште еден член на Синдикатот на Затворите, додаваат, Љубомир Божиновски, поради банални причини, со голем притисок врз Комисијата за дисциплинска постапка му е изнудена парична казна, а потоа да заврши и со отказ. За истиот член сите три синдикати во КПУ Затвор – Скопје во ки членуваат 90 отсто од вработените потпишаа иницијатива за поддршка на колегата Љубомир Божиновски кој беше предмет на притисок, деградација и на крај и отказ.
-Врз Љубомир Божиновски, виш надзорник во КПУ Затвор – Скопје од 29.12.2020 година па наваму, кон него се врши класична местенка за бркање од работното место, преку изнесување на целосни невистини и монтирани процеси. Поточно, на 29.12.2020 година, извршувајќи ги работните задачи на неговото работно место, негов колега кој во споредба со него има десет години помалку работен стаж во институцијата, го фотографирал со мобилен телефон, по што бил принуден да ги извести надлежните во институцијата за прекршокот кој го сторил. Истиот поучен од некого, пријавува дека е нападнат од страна на Љубомир Божиновски со оружје и наведува сведоци во истото службено известување кои доставија службени белешки дека немало никаква закана со оружје. Истиот ден тој беше суспендиран од работното место, до завршување на дисциплинската постапка, за што сметаме дека под секакви принципи и кодекси не требаше да се случи, посочуваат од КСС.
Иако тој досега не е казнуван дисциплински во институцијата, во која работи 11 години, потенцираат, на дисциплинската постапка од страна на Комисијата, иако сведоците ги потврдија своите известувања, беше казнет со предлог парична казна од 20 отсто.
-Меѓутоа, директорот повикувајќи се на член од Законот, ја менува одлуката на Комисијата и му врачува отказ. Испратена е жалба до Второстепената комисија, за што се надеваме дека ќе постапат соодветно и праведно и ќе одлучат во наша корист, бидејќи според сите докази воочливо е дека нема никаква вина со настанот од тој ден. Љубомир Божиновски има ретка хронична болест и ова што му се прави е многу голем стрес за него и неговото семејство. Меѓучовечките односи во Затворот – Скопје се на многу ниско ниво и во претходните неколку денови извршена е низа промени на работните места на наши колеги кои се иницијатори за споменатата иницијатива, односно на претседателите на два синдикати и на дел од членовите, велат од КСС и најавуваат дека доколку не престанат притисоците врз синдикатот и членовите на синдикатот, ќе ги преземат сите легитимни мерки за да престанат.
МИА