На студ, под жешкото сонце, на локалитети под вода, археологот Валентина Тодороска две децении редовно е член во археолошките тимови во Македонија и во регионот, а нема ниту ден работен стаж
Автор: Весна Ивановска-Илиевска
Повеќе од 20 години ги истражува археолошките локалитети во земјава, а нема ниту еден ден работен стаж. На студ, под жешкото сонце, на локалитети под вода, археологот Валентина Тодороска е редовен член во археолошките тимови во Македонија и во регионот. Соработувала скоро со сите музеи во земјава, а последниот долгорочен ангажман на договор на дело ѝ бил во „Д-р Никола Незлобински“ во родната Струга. Кон крајот на 2019 година музејот објавил оглас за вработувања. По четирите години работа како хонорарец, Тодороска се пријавила надевајќи се дека конечно ќе ѝ се реши статусот.
Иако било наведено дека конкретната позиција е за археолог по националност Албанец/ка, таа се пријавила очекувајќи да се почитува процедурата – ако на два последователни огласа не се пријави експерт од соодветената националност, на третиот оглас се земаат предвид сите пријавени кандидати.
Но, кандидат бил избран уште во првиот круг – била вработена кандидатка за која комисијата образложила дека е посоодветна, иако била Македонка, а на огласот се произнела како Албанка. В.д. директорот на музејот вели дека процедурата не била повредена, а националното чувство е право на личен избор.
НЕКОЛКУ СЛИЧНИ СЛУЧАИ ПРЕД ЕДНА ГОДИНА
За овој случај во моментов се води судски процес, исто како за уште едно вработување од истиот конкурс. На работната позиција биолог, наменета за кандидат Турчин/ка, бил вработен кандидат со македонско име и презиме. Во декември 2019 година медиумите известуваа за слична ситуација во Противпожарната бригада на Град Скопје. За полесно да се вработат, Македонци се изјасниле како Албанци.
Искусен археолог од Скопје со години се обидува да се вработи според струката. Иако работи повеќе од 20 години, има само 6 години работен стаж (стекнати во други професии), а 13 години поминати на договор на дело кои не влегуваат во стажот. Својот случај го раскажува анонимно, бидејќи во моментот на пишувањето на текстот е пријавен на оглас за вработување. Ова е негов деветти обид. По татко е Србин, а по мајка Македонец. Од 2007 до 2019 година активно учествувал на многу археолошки истражувања во земјава. Скоро исто толку време се пријавувал на огласите за вработување во четири институции од областа на музеологијата и заштитата на културното наследство во Скопје. Осум пати се обидувал и секогаш бил одбиван. Последниот пат се пријавил како Србин, зашто за таа националност било едно од работните места.
– Не се вработив, веројатно имало „посрбин“ од мене. Не им се лутам на колегите, едноставно системот е погрешно поставен. Ако ти се појави шанса, а имаш „врски“, нормално ќе ги искористиш за да си го решиш животното прашање. Проблемот е што само со потпишување изјава дека се чувствуваш како Србин, Албанец, Ром, Турчин… ја добиваш предноста – раскажува тој.
Овие случаи го отвораат прашањето како се вработуваат стручни кадри во музеите и заводите за заштита на спомениците на културата во земјава. Експерти велат дека системот е погрешно поставен, со можности за манипулација. Овие институции кубурат со кадар, а работните места се малубројни. Ако се пополнат со несоодветни кандидати, институцијата би можела долгорочно да се блокира. Без разлика дали се археолози, архитекти, историчари на уметност, етнолози или експери од област на историја или природни науки, музејската професија се гради со години, а искуството пренесено од постарите вработени е непроценливо.
Тодороска дипломирала во 2005 година на катедрата за Историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Деновиве ја одбрани магистерската тема „Палафитните населби во Охридско-струшкиот Регион“ под менторство на проф. д-р Драги Митревски. Како студент во 1996 година првпат учествувала на археолошките истражувања на локалитетот Вардарски рид кај Гевгелија. До денес, со мали паузи работи како археолог.
ЕДИНСТВЕН АРХЕОЛОГ ВО МАКЕДОНИЈА СО СЕРТИФИКАТОТ ESD
Околностите по дипломирањето ѝ го трасирале патот до потесната специјалност – подводната археологија. Натаму ги насочила и постипломските студии. Надградувајќи се, во последната декада посетувала повеќе меѓународни обуки за подводна археологија, а во 2017 се здобила со сертификатот ESD (European Scientific Diver) со што станала единствениот археолог во земјава со ваква диплома.
Соработката со музејот „Д-р Никола Незлобински“ официјално ја почнала во 2001 и 2003 година на подводните истражувања на локалитетот Врбник. Од септември 2015 до крајот на 2019 година во овој музеј работела со договор на дело како кустос археолог, едукатор, документатор и во делот на уметност и логистика при организација на изложби. За тоа има и потврда издадена од музејот. Тодороска објаснува дека во август 2019 година, Музејот добил средства за да објави конкурс за вработување на археолог, биолог, едукатор, правник и сметководител. Огласот бил распишан на 19 декември, четири месеци подоцна.
– Уредно ја поднесов комплетната документација. Немав големи надежи, бидејќи беше нагласено дека конкурсот се однесува за кандидат од албанска националност. Се водев од убедувањето дека компетенциите и долгогодишното искуство треба да бидат пред етничката припадност. Ми беше сугерирано да се изјаснам дека се чувствувам како Албанка за да си ги зголемам шансите, но мојот етички компас ми кажа поинаку – објаснува Тодороска.
При разгледување на поднесената документација, комисијата ѝ побарала дополнителен извештај од Фондот за пензиско осигурување-ПИОМ за остварен стаж – документ кој Тодороска не можела да го приложи, зашто и покрај сиот изминат труд, нема ниту еден работен ден стаж.
– Првично не бев ни повикана на интервју. Откако побарав објаснување, ми беше речено дека дошло до недоразбирање, ќе ме повикаат дополнително. Интервјуто се одржа на 24 јануари, а на 29 јануари на интернет страницата на музејот беа објавени резултатите дека е избрана друга кандидатка – раскажува Тодороска.
По консултација со правници и поддршка од повеќе колеги, одлучила да поднесе тужба. Судскиот процес е во тек. Тодороска вели дека на оваа одлука најмногу ѝ влијаело образложението од комисијата дека другиот кандидат е покомпетентен според приложената документација и резултатите од интервјуто.
В.Д. ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ „СЀ Е ЧИСТО“
Јован Василески е в.д. директор на музејот „Д-р Никола Незлобински“. Тој тврди дека на конкурсот за вработувања немало никаква повреда на процедурата.
– Беа вработени стручњаци. Во документацијата точно си стоеше според националната припадост, како што по Законот бараше балансерот. Како што си беа поднесени пријавите, така комисијата ги разгледуваше – вели Василески.
Балансерот е дигитална алатка на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) со која се пресметува колкава треба да биде квотата за правична застапеност во одредена институција.
Во комисијата членувале тројца надворешни соработници – раководители на институции. Василески објаснува дека биле ангажирани директорите на „Струшки вечери на поезијата“,
на Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид и на Центарот на културата „Браќа Миладиноци“ во Струга.
– Изборот беше регуларен. Кој како се изјаснил според националност, тоа си е личен став. Но, најважна е стручноста. Првиот кандидат беше демонстратор на Природноматематичкиот факултет (ПМФ), вториот со теренско искуство на локалитетите. Не велам дека другите кандидати не биле стручни. Се водат судски процеси, а како ќе завршат, зависи од судот, кој го има последниот збор. Не би коментирал друго пред да има судска завршница – вели Василески.
Иако музејските институции во земјава се целосно под ингеренции на Министерството за култура или на општините (доколку се локални), огласите за вработување се спроведуваат преку МИОА. Токму таму упатуваат од Министерството за култура, со образложение дека овие прашања се уредени со Законот за вработени во јавен сектор и со Законот за административни службеници. Тие го цитираат членот 77-ѕ од Законот за култура, според кој формата и содржината на јавниот оглас и на пријавата за вработување, начинот на спроведување на аудицијата и начинот на бодување се утврдуваат со општ акт на јавната установа што го донесува Управниот одбор, на предлог од директорот.
– Против одлуката на директорот, незадоволниот кандидат има право на жалба до Управниот одбор. Министерството за култура нема надлежност во постапките на работењето на установата, ниту пак во начинот и постапките за подготвување акти од областа на работните односи – велат од Министерството за култура.
ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ?
Од МИОА велат дека во тек се измените и дополнувањата на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Со нив треба да се доуреди постапката на планирање на вработувања во јавниот сектор, имајќи ги предвид уставното начело на изразување на националната припадност и начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.
– Според член 8, алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, како темелна вредност е слободното изразување на националната припадност – велат од МИОА.
Тие објаснуваат дека Законот за вработените во јавниот сектор донесен во 2015 година, за прв пат предвидува механизам за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор. Квотите се прават врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување, кои ги подготвуваат раководителите на институциите врз основа на методологијата наведена во член 5 став 3 од Законот.
Законот за вработување е јасен
Законодавецот на многу јасен начин ја утврдил целата постапка за вработување, велат од МИОА. Агенцијата за администрација е надлежна на спроведување на вработувањата на административни службеници. Според член 44 став 2, кога на ранг-листите нема доволно кандидати со припадност на заедница за која се предвидени новите вработувања, огласот се повторува само за работните места и за бројот на извршители што недостасуваат.
Според ставот 3 ако и при второто повторување на јавниот оглас на ранг-листите нема доволно кандидати со припадност на заедница која се бара, Комисијата изготвува единствена ранг-листа на која се рангираат кандидатите од сите претходно објавени огласи за тоа работно место и ги избира најдобро рангираните од таа листа, без оглед на припадноста на заедница, и во рок од три дена ѝ ги предлага на институцијата – велат од МИОА.
Планот за вработување се изготвува на ниво на институција и содржи податоци за состојбата на пополнетост на работните места во институцијата, за планираните пензионирања и други движења на вработените и план за распределба на бројот на нови вработувања во следната година по припадност на заедница.
– Ако се оцени дека планот е изработен според дадената методологија, министерството дава согласност – велат од МИОА.
Законот во член 14 ја уредува класификацијата на работни места во јавниот сектор според кои се вработуваат службениците. Поделена е во четири групи: административни службеници кои вршат работи од административна природа; службени лица со посебни овластувања од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето; лица кои вршат работи од јавен интерес, а не се од административна природа; работни места на помошно-технички лица (одржување, обезбедување и сл.).
Кога се поништува вработување на административец?
Одредено вработување се поништува ако се утврдат повреди на процедурата, а тоа е решено во членот 19-а од Законот за административни службеници. Директорот на Агенцијата формира Комисија за ревизија на селекцијата на административните службеници. Ако се утврдат недостатоци, Комисијата е должна веднаш да достави извештај за недостатоците до директорот на Агенцијата, до Државниот управен инспекторат и до институцијата која вработува.
Недостатоците во постапката за селекција на кандидатот се основа за поништување на огласот за вработување на административен службеник. Решението за поништување на огласот по сопствена иницијатива или по наредба на Државниот управен инспекторат го донесува раководното лице на институцијата која вработува – велат од МИОА.
„НЕ НИ ТРЕБА ПОЛИТИЧКИ, ТУКУ СТРУЧЕН КАДАР“
Пред една година на социјалните мрежи проциркулира документ без печат, кој алудираше на сличен случај во Управата за заштита на културното наследство (УЗКН). Директорот Ацо Костов вели дека тоа било несолена шега меѓу вработените. Сепак, тој е дециден дека има голем проблем со начинот на вработувања во овие специјализирани институции. Костов е архитект, советник-конзерватор кој долги години работеше во Националниот конзерваторски центар пред да ја преземе раководната позиција во УЗКН. Според него, најмалку десет години пред пензионирање искусниот кадар треба да го пренесе стекнатото знаење и да го обучува својот наследник.
– Не се работи само за талент. Треба да бидете и авантурист, подготвен да жртвувате голем дел од својот живот. Да поминувате денови, некогаш месеци на терен, во планина, по села. Не секој може да го издржи тоа. Во една личност треба да ги имате сите тие квалитети. И да сака да учи, да го почитува постариот колега, да го впива неговото знаење. Зборуваме за културно наследство. Искуството не можете да го добиете од учебник, мора да го стекнете – вели Костов.
Затоа, додава тој, овој начин на вработување на стручните кадри во оваа сфера е неприфатлив. Кај што нема вработувања, балансерот дополнително ја отежнува работата. Националноста не смее да биде репер, туку стручноста. А застапеноста на националностите во институциите може и на друг начин да се решава.
– Така, на терен имате луѓе кои одлично си ја познаваат работата, но работните места ги добиваат други. Каде е тука професионализмот? Има вработени кои одбиваат да одат на терен. Едноставно не можеш да го натераш, ниту можеш да го избркаш од работа. Почитта се заработува на терен и полека се напредува во хиерархијата. А ние се доведовме до ситуција луѓе со петгодишно искуство да им оценуваат и одобруваат проекти на луѓе кои работат 30 години и одлично си ја познаваат работата. Се трупаат материјали и се кочи работата, се прави опструкција на цел систем. Оваа професија е суштествена. Не ни треба политички, туку стручен кадар – дециден е Костов.
ПРОФЕСИЈА КОЈА МАКОТРПНО СЕ ГРАДИ
Д-р Александра Папазовска е археолог во Археолошкиот музеј на Северна Македонија и претседателка на Македонското археолошко научно друштво (МАНД). Таа вели дека неофицијално сите знаат како се спроведуваат вработувањата и за тоа јавно се зборува во стручните и научни кругови.
– Само со „врски“ може човек да се вработи. Не познавам ниту еден колега кој во последните 20 години се вработил едноставно, со пријава на конкурс. Тоа не значи дека не се вработиле компетентни луѓе, напротив, но и тие биле изложени на фактот дека треба да имаат „врски“. Тоа многу кажува за нашиот систем – вели Папазовска.
Таа објаснува дека археологијата не е едноставна струка. Едукацијата е само првото скалило и продолжува низ целиот професионален живот. Со завршување на факултетот, па и на мастер-студиите не се станува археолог. Поединецот треба да помине бројни тренски истражувања, ако има среќа да учи од најдобрите и најрано по 10 години активна теренска и стручна работа да почне самостојно да работи. Но, вистинските археолози немаат секогаш можност да се вработат.
Процесот на обучување на археолог е речиси ист во сите соседни земји, па и во Европа. Но, таму постојат мерила во однос на квалитетот на поеденецот.
– Постарите археолози сами си ги одбираат своите наследници, а ако ги добијат, тоа се лица со големи потенцијали. Пред пензионирање, искусните археолози повеќе години работат како ментори на своите наследници, а новиот кадар во меѓувреме магистрира и докторира во соодветните области. Така, работата во институциите не трпи, зашто во меѓувреме се создаваат спремни кадри кои ја наследуваат работата – објаснува Папазовска.
Кај нас кога стручните лица ќе заминат во пензија, работните места се затвораат. Папазовска вели дека системски пропуст е што музејските кадри се третираат како администрација. Резултат на овие нелогичности се музејски збирки кои никој не ги наследува, а со тоа се загрозува културното наследство. Ако некој има среќа да влезе на една ваква позиција, мора да учи од почеток, да поминува низ сите предизвици.
– И наместо да одиме напред, со децении тапкаме во место зашто никој не го пренесува своето знаење. Стручни лица кои се градат со децении се пензионираат со своите знаења. Тоа е навистина тажно. Политиката и динамиката на вработување на стручни кадри мора да ја прават самите институции, во соработка со образовните институции за да не се произведува повеќе кадар отколку што ѝ потребен на државата. Тоа е сложен процес кој не може како досега да се решава со политички решенија и манипулации – вели Папазовска.
ПОДДРШКА ОД МУЗЕЈСКИОТ СЕКТОР
Маја Чанкуловска-Михајловска е виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија и претседателка на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ). Таа вели дека Здружението нема правни ингеренции врз вработувањето на кадри во државните институции, но нивното работење се базира врз принципите изречени во етичкиот кодекс за музеи на ИКОМ од 1986 година.
– Поради отсуството на правилници во институциите за основниот професионален минимум кој еден кандидат треба да го исполни, наспроти какви било други критериуми (национални, партиски и сл.), уште долго време ќе се соочуваме со неквалитетно дејствување во музејската професија. Кај нас приоритет при вработување многу често не е професионалноста на кандидатот. Тоа е спротивно на декларативните заложби на одговорните за спроведување на квалитетна дејност и просперитет во оваа област – вели Чанкуловска-Михајловска.
Според неа, неизборот на најсоодветниот кандидат на конкурс за вработување е погубно за многу аспекти од заштитата на културното наследство. За случајот со Тодороска МНК ИКОМ веднаш реагирал до Министерството за култура, а како образложение ја навеле нејзината професионална биографија, претходното повеќегодишно ангажирање како кустос-археолог во „Д-р Никола Незлобински“, сиот дотогашен континуиран ангажман, кој бил поддржуван и финансиран од Министерството за култура.
– Тодороска е единствена во Р.С.Македонија со специјализација во областа на подводната археологија со сертификат ESD. Комисијата за селекција на кандидатите и в.д. директорот требало да ги земат предвид овие докази за професионалност при (не)изборот на кандидатот – категорична е Чанкуловска-Михајловска.
Во март 2020 години МНК ИКОМ добил одговор од Министерството за култура дека претставката е препратена до Државниот управен инспекторат, но тој, пак, се произнел како ненадлежен и случајот го препратил до Државниот инспекторат за труд.
– Конечен одговор сѐ уште не е добиен. Веројатно ќе се соочиме со уште еден процес заглавен во административните лавиринти, што од своја страна значи дека никој не сака да се „замара“ со професионалните и етички принципи во оваа дејност – вели Чанкуловска-Михајловска.
МОЖЕ ЛИ НАЦИОНАЛНОСТА ДА СЕ ДОКАЖЕ?
Проф. д-р Мирјана Најчевска е правник, редовен професор на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, активист и борец за човекови права. Таа вели дека според Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, секој човек има право да се откаже од етничката заедница на која припаѓа и да се приклучи на друга без никакви негативни последици за себе.
Бидејки кај нас етницитетот се одредува пред сѐ според јазикот на кој зборува одредена група (па и во законите процентот на една етничка заедница се одредува според јазикот на кој комуницира), мислам дека при ваков вид конкурси треба да се даде како услов познавање на конкретниот јазик. Ова е мерливо и може да се направи испит на кој ќе се бодира. Доколку се бара познавање на соодветна култура, тогаш се бара искуство од кое се гледа дека тој човек работел на место каде што имал можност да се запознае со соодветната култура и да има потребни знаења поврзани со неа – вели Најчевска.
Таа вели дека во сите овие случаи гледа изигрување на правото и обесмислување на уставните и законските одредби кои се насочени кон зачувување и развој на различните култури и јазици на овие простори.
– Постои основ за поништување, а тоа е немерливоста на етничката припадност. Нашата држава ја ратификувара Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и на тој начин ја прифатила и можноста за промена на етничката припадност. Во Уставот и законите секаде се зборува за јазичниот параметар како определувачки кога станува збор за примените на одредбите за правична застапеност (На пример член 7 од Уставот). Во најмала мера треба да се докаже етничката припадност за места за кои е специфично потребна (како заради јазикот, така и заради потребата од заштита и промоција на различното културно наследство). Сѐ друго е изигрување на Уставот и законите – децидна е Најчевска.
Една година по огласот за вработување во музејот во Струга, Тодорска вели дека сиот овој период го доживива како една голема пародија. Поради четиригодишниот ангажман како хонорарец таа била вклучена во неколку долгорочни музејски проекти за меѓународна
соработка. И во истата недела кога ја добила одлуката дека не е вработена, требало да го претставува „Д-р Никола Незлобински“ на симпозиум во Рим. Еден месец подоцна добила покана за студиски престој на Карловиот универзитет во Чешка, а со Универзитетот од Берн почнале преговори за подводни истражувања на локалитетот Врбник.
– Би било лицемерно да кажам дека сум рамнодушна. Но, археологијата е професија која е мој свесен избор. Таа е моја пасија, можам уште многу да дадам во неа, и таа да ми даде. И вака, со чувство на отфрленост и неприпаѓање, јас сепак одбирам да ѝ припаѓам на археологијата. Одбирам да не се откажувам. Одбирам секој ден од рани зори да се појавам на терен со колегите. Зашто таму припаѓам. Го работам тоа за што сум се едуцирала, сум вложила време и пари, а го работам добро. Останува да се надевам дека е прашање на време кога ќе се надмине целата ситуација, коцките ќе си дојдат на место, а вистинските вредности можеби ќе бидат признаени и поддржани – завршува Тодороска.
Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Извор: http://scoop.mk