Турција: Потегот на Косово за отворање амбасада во Ерусалим ги прекршува резолуциите на ОН – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/21 1:46 PM

Турција: Потегот на Косово за отворање амбасада во Ерусалим ги прекршува резолуциите на ОН

Турција денес ја критикуваше посветеноста на Косово за отворање амбасада во Ерусалим, велејќи дека тоа ги прекршува резолуциите на Обединетите нации и меѓународното право, јавува Анадолија (АА).

„Ваквата заложба на Косово претставува прекршување на меѓународното право, особено резолуциите на ОН усвоени за ова прашање“, соопшти портпаролот на турското Mинистерство за надворешни работи, Хами Аксој.

Косово и Израел официјално воспоставија дипломатски односи со договорот што беше потпишан вчера.

Израелскиот министер за надворешни работи, Габриел Ашкенази, изјави дека тој го одобрил официјалното барање на Косово за отворање амбасада во Ерусалим.

Аксој изјави дека таквиот чекор преземен од страна на Косово нема да биде во корист на случајот со Палестинците и ќе ѝ наштети на визијата за дводржавно решение.

Кога ќе се случи тоа, Косово ќе биде трета земја што ќе отвори амбасада во Ерусалим, по САД и Гватемала.

На воспоставувањето на односите меѓу Косово и Израел претходеа договори за нормализација на односите постигнати во текот на изминатите месеци меѓу Израел и четири арапски држави, ОАЕ, Бахреин, Судан и Мароко.