Во Албанија започна процесот на вакцинација со втората доза на вакцината против коронавирусот за здравствениот персонал, кој беше вакциниран во првата фаза, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Втората доза на вакцината ја прими и премиерот на Албанија, Еди Рама, во центарот за вакцинација на стадионот „Ер Албанија“ (Air Albania) во Тирана.
Премиерот Рама во изјавата за медиумите по вакцинацијата истакна дека влегле во фаза на спроведување на договорот со компанијата „Фајзер“.
„Целокупната состојба на вакцинацијата и снабдувањето со вакцини низ цела Европа е крајно хаотична. Видовме големи земји, вклучувајќи ја и Европската Унија (ЕУ), кои започнаа да се закануваат дека по судски пат ќе ги гонат компаниите, бидејќи побарувачката е неверојатна голема и во сите случаи, понудата е сè уште многу ниска поради бројот на производството“, рече Рама.
Тој истакна дека добиле потврда од „Фајзер“ дека другите дози на вакцината ќе пристигнат во средината на февруари.
Потсетуваме дека Албанија официјално ја започна кампањата за вакцинација против коронавирусот на 11 јануари, првично со здравствениот персонал, а вчера пристигнаа првите 1.170 дози од договорот со компанијата „Фајзер“.
Како што вчера посочи Рама, Албанија започна со вакцинирањето со дози што беа подароци од пријателска земја на Европската Унија.
Според албанските власти, од договорот со компанијата „Фајзер“ и вакцините од инструментот КОВАКС (COVAX), договорени се вакцини за вкупно 800.000 албански граѓани.
Од друга страна, во Албанија во последните неколку недели се забележува растечки тренд на случаите со Ковид-19. Според официјалните податоци на Министерството за здравство и социјална заштита, од почетокот на пандемијата во Албанија регистрирани се вкупно 78.992 позитивни случаи на Ковид-19, од кои починале 1.393 лица, а 47.922 оздравеле.