Не еден, туку двајца: Ливерпул се засилува со дефанзивците на Шалке и Престон – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/21 7:32 PM

Не еден, туку двајца: Ливерпул се засилува со дефанзивците на Шалке и Престон

Последниот ден во јануарскиот трансфер период ќе биде среќен за Јурген Клоп, откако неговиот тим е пред прагот на ангажирање на двајца нови фудбалери од задната линија.

Проблемите кои германскиот стратег ги имаше со повредите на Вирџил Ван Дајк и Џо Гомез, а потоа и извесен период Трент Александер-Арнолд, како и оние на Џоел Матип, го натераа раководството на „црвените“ да пронајде алтернативи кои ќе го одржат Ливерпул во трка за титулата во Премиер Лигата.

За само два милиони фунти актуелниот шампион го ангажираше централниот стопер на второлигашот Престон, Бен Дејвис. Иако шкотски Селтик веќе го имал „капарисано“ Дејвис, клубот од „Енфилд“ во последен момент влегол во преговори за неговите услуги и на крајот успешно го намамил на своја страна.

Но Ливерпул не застанува тука. Уште едно име според англиските медиуми се очекува до полноќ да стави потпис на договор со шесткратниот освојувач на Лигата на Шампионите. Младиот турски дефанзивен играч, Озан Кабак, кој беше на радарот на Англичаните и минатото лето, ги помина успешно медицинските прегледи и од утре ќе го носи дресот на Ливерпул. Формата на трансферот ќе биде позајмица со право на откуп, а Ливерпул на Шалке ќе мора да му исплати околу 2.5 милиони фунти. Доколку англиската екипа се реши на лето да го откупи целосно фудбалерот, тогаш на сметката на Германците ќе мора да „легнат“ 30 милиони фунти.

Во спротивен правец од Англија во Германија ќе оди Шкофран Мустафи.

 

 

 

 

Фото:

footballcritic.com