Пандемијата со ковид-19 ја интензивираше проверката на Д-димерите, кои пред појавата на коронавирусот беа непознат термин за дел од популацијата. Проверката од неодамна е олеснета благодарение на можноста матичните лекари да издаваат упат за анализи за седиментација, крвна слика, но и LDH, CRP и Д-димери (ЛУ1 ковид-19 пакет), со што се олеснува следењето на здравствената состојба на заразените со корона, кои се лекуваат во домашни услови. Од пред околу две недели пациентите се упатуваат во биохемиските лабаратории во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Драчево“. Приемот е организиран од 11 до 12 часот со цел ковид позитивните пациенти да се издвојат од останатите.
Што поконкретно претставуваат Д-димерите и како тие се поврзани со актуелниот вирус се дел од прашањата на кои за ММС, одговори Евица Влашки, биохемичар и магистер по генетско инженерство. Влашки, која стои на чело на лабораториска дејност во ЈЗУ Здравствен дом Скопје за Македонски медиа сервис објасни и за останатите здравствени состојби при кои може да се јави покачено ниво на Д-димерите.
Што претставуваат Д-димерите и на кој начин се утврдува нивната концентрација во организмот?
-Д-димер е мал протеински фрагмент, кој е деградационен продукт на фибринот. Детекција на зголемено ниво на Д-димерот во циркулација значи дека се активирал системот за коагулација, а со тоа се зголемува ризикот за формирање на тромб кој може да предизвика зачепување на некој крвен сад. Покрај веќе добро познатите вообичаени симптоми кај ковид -19, уште на самите почетоци многу студии кои опфатиле повеќе возрасни групи укажуваат и на проблеми со згрутчувањето на крвта пропратено со други компликации. Затоа следењето на вредноста на Д-димерите е од голема важност за ковид дијагностика, прогноза, следење на текот на болеста, како и следење на ефектите од дадена терапија но и во ковид пост периодот.
Концентрацијата се одредува на тој начин што земениот примерок од крвна плазма се поставува за анализа на комплетно автоматизирани апарати. За кратко време се добива резултатот, чија вредност се следи, споредбено со референтните вредности. Вредностите зависат од аналитичката осетливост на методата како и апаратурата на која се работат, затоа треба да се напомене дека од исклучителна важност за пациентите се добиените вредности да се следат секогаш во иста лабораторија, така што лекарот ќе може според соодветните референтни вредности да ги следи добините резултати.
Што кога Д-димерите имаат вредност надвор од нормалните граници и какви симптоми и проблеми може да се почувствувааат и да се јават кај пациентот во тој случај?
-Како и за сите останати анализи според стручната литература постојат пропишани ранг вредности (очекувани нормални вредности) така и за Д-димерите референтните вредности задолжително треба да се наведени во извештајот со резултатот за измерената вредност, според методата. Сите вредности кои влегуваат во опсегот на пропишаниот ранг ги викаме негативни или нормални вредности за Д-димери. За секоја вредност која ќе излезе над пропишаниот ранг се толкува клиничко значење во согласност со другите вредности за параметрите, клиничката слика и други наоди.
Според веќе пропишаните протоколи, постојат граници до кои покачувањата на вредностите на димерите се следат, кои укажуваат на потреба од терапија, ако вредноста е повисока од дозволената, по пороценка на лекарот, може да е потребна и хоспитализација.
Одлуката за третман на пациентите ја носат исклучиво лекарите, следејќи ја клиничката слика, преку анамнеза за претходни болести и дополнителни иследувања.
На што би можело да укаже прениската или пак, повисоката концентрација на Д-димерите?
Високите вредности на Д-димерите се сигнификантни и ризични по здравјето на пациентот. Во тој случај се прават дополнителни испитувања, кои ќе го насочат лекарот за понатамошниот тек на лекувањето.
Какво е влијанието на коронавирусот врз Д-димерите?
-Покрај веќе добро познатите вообичаени симптоми кај ковид-19, уште на самите почетоци многу студии кои опфатиле повеќе возрасни групи укажуваа и на проблеми со згрутчувањето на крвта пропратено со други компликации. Затоа следењето на вредноста на Д-димерите како важен предиктор на повеќе компликации од заболувањето, е од голема важност за ковид дијагностика, прогноза, следење на текот на болеста, како и следење на ефектите од дадена терапија но и во пост- ковид периодот.
Според дел од веќе воспоставените протоколи се вели дека 36-43 % од ковид пациентите во дадена фаза од заболувањето покажуваат покачени нивоа на Д-димери, односно покажуваат афинитет кон згрутчување на крвта со можност за запушување на крвни садови. Истото се должи на зголемено ниво на одбрамбени имунолошки клетки како и цитокини кои се инфламаторни медијатори.
Коронавирусот во организмот на човекот предизвикува силен имунолошки одговор. Одбрамбените клетки на организмот директно го напаѓаат вирусот ослободувајќи инфламаторни медијатори наречени цитокини, главно интерлеукин 6, или состојба популарно наречена „цитокинска бура“. Овие цитокини дирекно влијаат на пропустливоста на ендотелните клетки на крвните садови. Ова ја активира каскадата за коагулацијата на крвта, меѓудругото, пратено со зголемени нивоа на Д-димери и појава на дисеминирана интраваскуларна коагулација. Така и анализата за интерлеукин 6 би требало наскоро да се најде на листата на многубројни анализи кои ги изработуваме.
Дали кај пациентите со ковид 19 е неопходно веднаш да се направаи проверка на Д-димери и ЦРП?
-Анализите за Д-димери и ЦРП веќе се работеа во нашите лаборатории и предходно. Д-димерите по барање на гинеколозите во врска со бременоста и породувањето, а ЦРП кај повеќе пациенти при разни состојби, а со специјалистички упати. Но, деновиве, според, некои податоци зборот Д-димер е трет по отварање на гугле, па така самите пациенти пребаруваат и не ретко и сами покажуваат интерес за оваа анализа. Секако тоа е одлука исклучиво на лекрот во зависност од состојбата на пациентот дали ќе го упати.
Секако дека и самиот упат ЛУ1 ковид-19 укажува на неопходноста од овие анализи. Имено, како што претходно споменавме, во повеќе публикации се поврзува нивото на Д-димерите со можните компликации од вирусот, секако многу работи учиме заедно со вирусот, па така и утврдување на причините за ваквите состојби како и начините за полесно справување и лекување, кои се во фокусот на многубројни научници. Така, доколку имунолошкиот систем на пациентот бурно одговори на вирусот, во тој случај се активираат повеќе механизми во организмот кои можат дополнително да ја искомплицираат клиничката слика и да доведат до поголеми компликации.
Во некои објавени студии, се дошло до заклучок дека најголем дел од пациентите со висок ризик биле на интензивна нега и хоспитализирани лежечки пациенти, заради „хиперактивноста „на тромбоцитите кои го зголемуваат ризикот.
CRP-или C реактивниот протеин е неспецифичен маркер кој укажува на присутен воспалителен процес најчесто при бактериски инфекции, но и при хронични болести, кардиоваскуларни, автоимуни и др. состојби каде подолго време останува со зголемена вредност. Во протоколите е наведено дека покачено CRP се забележува кај 75 до 93% од пациентите со ковид-19. Неговата важност за овие пациенти ја потврдуваат и првите сознанија кои послужија како водич за клиничка проценка за присуство на ковид-19, каде е заклучено дека иако ковид-19 е вирусна инфекција, сепак кај голем процент од заболените CRP покажува висока вредност. Очекуваме анализата за CRP која е од исклучителна важност за сите возрасни групи, а најмногу е барана кај децата од страна на педијатрите и понатаму да остане во ЛУ 1 упатите, бидејки сега е привремено додека трае пандемијата.
Од досегашните резултати кои ги добиваме во лабораториите каде што работиме со упатот ЛУ1 ковид-19, покачени се вредностите за Д-димери и CRP кај околу 30% од пациентите, но кај повеќето не се работи за некои поголеми отстапувања. Сепак, секој добиен резултат е важен за следењето на текот на болеста и што поскоро оздравување.
При кои други здравствени состојби може да се јави зголемено ниво на Д-димери?
-Д-димерите се зголемуваат и кај други состојби како што се: физиолошки за време на бременоста и по породувањето или при други состојби поврзани со нарушена хемостаза: длабока венска тромбоза, која е една од најчестите состојби,белодробна емболија, срцев и мозочен удар, дисеминирана интраваскуларна коагулација, последици од откажување на бубрезите и друго. Пред актуелизирањето на значењето на Д-димерите при ковид-19, анализата секако се користеше за следење на хемостатските процеси во организмот во пакетот анализи за хемостаза со различна намена постоперативно или предиктивно за детекција на состојби поврзани со нарушувања во хемостаза.
Во однос на бремените жени покачувањето на Д-димерите кај нив се должи на притисокот кој го прави плодот врз поголемите крвни садови во карлицата и долните екстрамитети, со што физиолошки се намалува циркулацијата во истите. И досега оваа анализа рутински се работеше по барање на гинеколозите за следење на бременоста како и периодот по породувањето. Секако, за бремените жени има пропишани вредности за Д-димери поделени по различни триместри од бременста, со цел следење на оваа состојба и навремено ординирање терапија. Познати се протоколи за постапување кај трудници позитивни со ковид-19 и кај трудници кои не се позитивни, а сепак имаат физиолошки покаченио вредности на димерите од горенавдените причини.
Дали пациентот треба да биде гладен при проверка на Д-димерите и дали воопшто постои подготовка на организмот за проверка?
-Нема потреба пациентот да е гладен за проверка на Д-димерите, нема посебна подготовка за мерење на истите, но секако се земаат податоци за останатата терапија која пациентот ја прима, а која би можела да влијае на разултатите.
Постои ли природен начин за да се регулира нивото на Д-димери преку одреден вид храна, чаеви, сокови и слично?
-Важна препорака до пациентите е да не земаат терапија на своја рака без консултација со лекар. Можеби постојат намирници во исхраната кои помагат во олеснување на состојбата, но сепак терапијата треба да е строго контролирана и да се почитуваат советите на лекарот. На пример, дел од лековите како што е аспиринот како и дел од намирниците кои содржат рибино масло, лукот и екстракти од лук познато е дека имаат антиагрегационо дејство, односно имаат ефект врз тромбоцитите со намалување на способноста за нивно слепување, но тоа е различен механизам од оној за активација на Д-Димерите во процесот на коагулација.
Во Вашите лаборатории веќе три месеци се прават и брзите тестови за коронавирусот. Колку вакви тестирања се прават просечно на дневно ниво и колкава е нивната точност?
-Биохемиските лаборатории на Здравствен Дом Скопје за многу брзо време оформија седум пунктови за изработување на брзите тестови во седум поликлиники, а тие се бесплатни преку закажување од страна на матичен избран лекар на Мој Термин. Брзите тестови се со доста висок процент на прецизност што се потврдува во пракса, конфирмирани се во Институтот за јавно здравје. Лесно се достапни со упат од матичен лекар. Интересот на граѓаните е голем поради тоа што за многу кратко време некогаш и помалку од половина час, се добива резултатот кај нивниот матичен лекар и позитивните веднаш влегуваат во евиденцијата и епидемиолошките анкети и се изолира нивното понатамошно движење, а со тоа и ограничување на нивните контакти.
Во секоја од пунктовите правиме по шеесетина тестирања дневно. Тоа се тестирања што се прават во рамките на повеќе поликлиники. Во поликлиниките „Бит Пазар“, „Ѓорче Петров“ и „Шуто Оризари“ тестирањата се одвиваат во прва смена, а во пунктовите на поликлиниките „Идадија“, „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Ченто“ од 11 и 30 до 16 и 30 часот.
Дури и кога некој ќе добие негативен резултат, не се исклучува можноста тој понатаму да се зарази со актуелниот вирус. Дали имате некаква порака за граѓаните кои веќе добиле негативен ковид тест?
-Доколку пациентот добие негативен резултат, а во текот на наредните денови има симптоми коишто укажуваат на инфекција со ковид-19, треба повторно да се обрати кај својот матичен лекар затоа што можеби тестирањето било рано направено или пак изминале повеќе денови од првичните симптоми. Овие тестови препорачливо е да се на прават 1-5 дена по појава на првите симптоми. Тестирањето го правиме кај сите возрасни групи од бебиња под една година па се’ до пациенти и со повеќе од 90 години. Затоа што вирусот едноставно не бира и како да „демне од секое ќоше“ …
Но мора да го изразам нашето задоволство што за разлика од почетоците овие последни денови бројот на позитивни случаи е значително намален. Но тоа никако не значи дека треба да се олабавиме туку и понатаму секаде да се почитуваат основните препораки за носење маска, држење дистанца и миење раце. Сите треба да внимаваат прво за себе, а потоа за нивните семејства и околина. Токму во овој контекст интересно е кажувањето на веќе потврдените позитивни случаи, кои ја кажуваат истата мисла која прва им пролетува во моментот кога ќе го добијат позитивниот резултат, а тоа е дека прво помислуваат со кого се’ биле во контакт и како тоа ќе им го соопштат и како ќе се одвива текот на болеста ако ги заразиле, па дури потоа помислуваат на самите себе.
Вања Мицевска