Бремените жени плаќаат за прегледи, Фондот ги повикува да пријават, гинеколозите бараат работна група да продолжи со креирање пакет-услуги – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/21 10:51 AM

Бремените жени плаќаат за прегледи, Фондот ги повикува да пријават, гинеколозите бараат работна група да продолжи со креирање пакет-услуги

Подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги и суштинска примена на законите бара Здружението Национален Ромски Центар (НРЦ) од Куманово. Во нивната анализа во рамки на повеќедеценискиот проект „Унапредување на здравјето на жените Ромки” предупредува дека голем дел од жените Ромки плаќале за бесплатни гинеколошки прегледи, а висок е процентот и на неискористеност на бесплатните гинеколошки прегледи на бремени жени, кој се движи помеѓу 74 и 90, во зависност од услугите.

– Потребен е подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги, бидејќи 74 проценти од жените Ромки плаќаат за бесплатните прегледи за време на бременост, иако сите бремени жени и родилки имаат право на бесплатни здравствени услуги, вели извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски.

Според истражувањето на НРЦ, гинеколозите им наплаќаат на бремените жени ехо и тестови. Жените од Куманово споделуваат искуства и на социјалните мрежи велејќи дека речиси сите прегледи им се наплаќаат. Според истражувањата на НРЦ во кој учествувале бремени жени и родилки за ехо се наплаќало по 300 денари, микробиолошки тестови исто така 300 денари, отварање мајчина книшка и до 500 денари или пакет за една бремена жена чини 1.100 денари.

– Со цел да се одговри на потребата за подобар пристап до здравствена заштита, Владата на Република Северна Македонија секоја година донесува едногодишни превентивни програми, кои се реализираат преку јавно-здравствени установи. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Северна Македонија е донесена со цел континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период. Посебен фокус е ставен на ранливите групи на населението (жени Ромки, жени од рурални средини, жени од социјално ранливи категории). Програмата се реализира преку координирано спроведување на суштински јавно – здравствени услуги, во кои како извршители се вклучени повеќе здравствени институции (Центри за јавно здравје, Здравствени домови, болници, вели адвокатката Магдалена Јакимовска од НРЦ.

Но, и покрај голем број  закони, подзаконски акти и програми донесени од Министерството за здравство, граѓаните секојдневно при остварување на своите со закон загарантирани права, наидуваат на проблеми од причина што законите се недоволно прецизни – двосмислени и различно се применуваат во пракса од институциите кои ги спроведуваат, појаснува извршниот менаџер на НРЦ, Ашмет Елезовски.

– Мајките треба целосно да бидат заштитени и се, согласно законите, матичните лекари добиваат средства за прегледите од Фондот. Но и покрај тоа наплатуваат за услуги кои согласно важечките закони и подзаконски акти се бесплатни. Реагиравме неколку пати на ниво на Куманово и на ниво на државата и не само за жените Ромки, генерално за сите жени кои се обратија, вели Елезовски.

Здружението на гинеколози бара работна група да продолжи со работа и да се најде решение во интерес на сите

Од Здружението за гинеколози и акушери велат дека и ним им е во интерес да се надминат проблемите со бесплатни гинеколошки услуги. Тие сметаат дека само со креиран пакет услуги, кој ќе го изработи здружението со Фондот за здравствено осигурување, корист ќе имаат и пациентките и гинеколозите.

Претседателот на здружението, Д-р Душко Филиповски, истакна дека неговите колеги од Куманово работат исто како и останатите гинеколози од државата, согласно востановената пракса.

– Колегите од Куманово работата скоро како и сите матични гинеколози во Република Северна Македонија. Размислувањата на сите, па и нивни се дека пакетот на услуги ќе го реши проблемот и за пациентките и за нас. Пакетот го бараме од 2007 година. Истото е договорено и официјално со ФЗОМ во 2018-та година. Иако, УО на ФЗОМ има донесено одлука за доделување два капитациони бода за жените во време на бременост, таа разлика никогаш не ни е исплатена, изјави д-р Филиповски.

Во документот е наведено дека е заклучено да се најде модалитет за вреднување на услуги на бремените жени, што ќе биде имплементирано во нареден договор на ФЗОМ и матичните гинеколози.

Од здружението велат дека првите позитивни контакти и напредок за решавање на проблемите биле во 2018-та година и работата на работната група составена од претставници од гинеколозите и од фондот и Министерството за здравство е дојдена до чекор на решение и е стопирана поради пандемијата.

– Се надевам дека наскоро работната група ќе ја доврши работата и дефинитивно ќе се реши проблемот со примарна гинекологија. Сведоци сме дека пријавувањето и казнувањето на матичните гинеколози веќе 13 години не даде резултати и не доведе до позитивно расположение кај докторите, кај гинеколозите за надминување на состојбата и не е решение. Наместо постојано да се казнуваат колегите, да продолжиме со заеднички сили, преку работната група да ги надминеме проблемите и да најдеме прифатливо решение во интерес на државата, на лекарите, а, најмногу на осигуреничките, изјави д-р Филиповски.

Фонд за здравствено осигурување- Осигурените можат да пријават, прегледите во бременоста се бесплатни

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека осигурените лица можат да одбијат да го платат прегледот доколку матичниот гинеколог побара пари за здравствена услуга која е бесплатна. Оттаму појаснуваат дека во основните здравствени услуги кои ги обезбедуваат матичните гинеколози се следење бремени жени, дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис. ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него матичниот лекар ги повикува пациентите по возрасни групи, според Програмата на Министерството за здравство за скрининг за превенција и рано откривање на карцином на грлото на матката, а ова воедно е и една од целите на Фондот за здравство. За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно според медицината базирана на докази партиципација која осигуреното лице што треба да ја плати е 60 денари. Доколку ПАП-тестот е потребно да биде направен приватно неговата референтната цена според Фондот е 600 денари.

– Поради тоа кога матичниот гинеколог ќе побара пари за здравствена услуга која е бесплатна, осигуреното лице треба да одбие да го плати прегледот. Во случај кога сепак се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побара фискална сметка за извршените здравствени услуги и да го информира Фондот преку претставка и во прилог на претставката потребно е биде доставена и фотокопијата од фискалната сметка. Согласно Законот за здравствено осигурување, Фондот за здравствено осигирување е купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица и склучува договори со здравствени установи од примарната здравствена заштита со кои обезбедува услуги од областа на гинекологија. За извршен лекарски преглед кај матичниот лекар од осигуреникот не се наплатуваат финансиски средства, велат од Фондот.

Во надлежност на Фондот е да извршува редовни и вонредни контролни на здравствените установи со кои институцијата има склучено договор.

– За време на извршување на овие контроли освен договорните обврски се контролира и тоа дали се наплатуваат дополнителни средства и се прави анкета на осигуреничките дали се задоволни од здравствената услуга која ја добиваат во дадената ординација и се охрабруваат да пријават доколку има наплата на дополнителни средства, појаснуваат од Фондот.

За секоја доставена пријава или преставка Фондот врши контрола во дадената здравствена установа. Ваквиот вид на пријава на неправилност може да биде и анонимна, пријавата може да биде направена на бесплатниот телефонски број 080033222, на мобилните телефони на инспекторите од контрола кои се објавени на веб-страницата на Фондот http://www.fzo.org.mk/, секој работен ден од 8.00 до 16.00 часот, но може да се направи и електронска пријава на маил адресата info@fzo.org.mk, како и со писмена претставка.

– Во прилог на преставката потребно е да се достават документи како доказ, а во случај на наплатени финансиски средства и фотокопијата од фискалната сметка. Фондот исто така извршува заеднички контроли со УЈП, врши контроли по барање на ДСЗИ, на други институции и на невладини организации. За случаите кога здравствената установа нема да издаде фискална сметка, а наплатува финансиски средства па макар да е тоа и партиципација осигурениците задолжително треба да пријават и во УЈП, појаснуваат од Фондот.

Од Фондот за здравствено осигурување потсетуваат дека во 2019 година започнати се реформи во примарната здравствена заштита за да се обезбеди сеопфатна примарна здравствена заштита од страна на здравствените работници на примарно ниво (лекарите од општа медицина, педијатри и гинеколози), со истовремено подобрување на квалитетот на примарната здравствена грижа и нов модел на плаќање. Носители на процесот на спроведување на реформите во примарната здравствена заштита се: Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и стручната фела. Процесот е поддржан од Светската здравствена организација, а е според препораки од претходни истражувања и процеси спроведени од страна на глобални агенции и домашни организации (Светската банка, УНФПА, ХЕРА итн.).

– Со новиот модел предвидена е следнава структура на здравствени услуги кај матични гинеколози: основни здравствени услуги; превентивни цели, следење хронични болни и здравствени интервенции. Со тоа новиот модел би поттикнал и обезбедил кај лекарите од општа медицина, педијатри и гинеколози подобрување на превентивата на примарно ниво на здравствена заштита, дефинирање и примена на стандарди за обезбедување услуги и справување со одредени состојби на примарно ниво и намалување на степенот на упатување кон повисоко ниво на здравствена заштита. Со спроведување на реформите во ПЗЗ се очекува надминување на проблемите кои сега ги имаат осигуреничките во делот на неоснованата наплата на дополнителни финансиски средства за пружените здравствени услуги од страна на избраните гинеколози, велат од Фондот.

МИА