Поради снегот зголемена посeтеноста на планината Голак кај Делчево – ММС
ММС

Објавено на: 01/31/21 6:27 PM

Поради снегот зголемена посeтеноста на планината Голак кај Делчево

Поради снегот максимално зголемена посeтеноста на делчевската планинска убавица Голак. Граѓаните на Делчево среќни што можеа да го искористат денот за разонода со своите најблиски, апелираа до надлежните што поскоро да се поработи на изградба на инфраструктура за поголемо уживање на снегот во зимскиот период.

„Јас денес сум овде со сноуборд, планината има потенцијал барем за една рекреативна патека за сноуборд да може да се спуштаме. Мислам дека не е многу скапа инвестиција, а ќе биде со тек на време исплатлива“, истакна младиот Мато Митев од Делчево.

За граѓаните од средната генерација, потребно е вложување за обнова на детското одморалиште, кое подолго време е руинирано.

„Еве многу луѓе на Голак ама за жал нема инфраструктура. На надлежните ќе им порачаме да направат што треба за жителите на овој град, тоа е ски-лифт и детското одморалиште“, вели делчевецот Драган Тричковски.

На последната седница на делчевскиот совет во 2020 година, делчевскиот градоначалник Горан Трајковски како одговор на советнишко прашање потврди дека има интерес од заинтересирани страни за вложувања на Голак. Плановите според него се тоа да се случи во тековната 2021 година, а меѓу инфраструктурата за која се пројавено интерес е изградбата на нов хотел на планината Голак.