Згрозен сум од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија, напиша денеска министерот за правда Бојан Маричиќ на Фејсбук, откако дел од медиумите објавија вести со наслов „Таткото на Бојан Маричиќ сликан гордо со статуата на Хитлер и книгата Мојата борба“.
„Во објавата на порталот „Република“ се пренесува пост од социјалните мрежи, а во содржината тенденциозно е изоставен делот во кој татко ми под неговата фотографија направена во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг пишува „Култот уште живее ама само во вакви музеи кои служат за опомена“, пишува Маричиќ.
Според министерот, повеќе од јасно е дека станува збор за предупредување дека со градењето на култови кон личности светот и државите можат повторно да се соочат со зло какво што беше фашизмот. За жал, како што објаснува тој, токму фашистите за своите пропагандни цели се служеа со тенденциозни лаги и невистини.
„Јас и целата моја фамилија, единствено сме горди на нашите дедовци кои си ги жртвувале животите на фронтовите токму во борбата против фашистите, а таткото на мојот татко, мојот дедо, носеше целиот свој живот лузна добиена при неговиот престој во нацистички логор“, додаде тој.
Посочи оти е свесен дека се работи за обид да дискредитација пред најавената интерпелација од опозицијата.
„Свесен сум дека едноставно се работи за обид за моја дискредитација пред најавената интерпелација од опозицијата и уште повеќе поради почетокот на длабинските реформи во правосудството. Ваквите ниски напади само дополнително ме мотивираат да продолжам уште понапорно да работам за доброто на државата и граѓаните“, пишува Маричиќ на Фејсбук.