Претседателството на Демократскиот сојуз одлучи да објави јавен повик за кандидати за градоначалници и носители на советнички листи за Градот Скопје и општините во државата, за претсојните локални избори кои треба да се одржат во септември годинава.
-Како демократска партија сакаме да мотивираме кандидати за градоначалници и советници кои не се партиски определени, но се докажани професионалци, кандидати со менаџерски способности, а пред се со висок морален интегритет, отпорни на коруптивни влијанија, почитувани во средината каде што работат и ги познаваат потребите на граѓаните во општината, рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на ДС, Зоран Димитровски.
Кандидатите за градоначалници ќе треба да подготват изборна програма (2021-2025) во која ќе бидат опфатени локалните проблеми – инфраструктурни, економски, образовни, здравствени, културни, спортски итн. и да предложат проекти и мерки за нивна реализација. Програмата треба да биде резултат на проучување и анализа на состојбите и да биде изработена во соработка со граѓаните, компаниите, невладиниот сектор и експертите. Таа треба да биде подготвена до август 2021 година.
„Кандидатите за градоначалници треба да ги прифатат основните идејни и програмски определби на Демократскиот сојуз, како и да соработуваат со носителот на советничката листа и останатите кандидати за советници и да ги поддржуваат во изборната кампања“, посочи Димитровски.
Според условите на јавниот повик, кандидатите треба да имаат завршено високо образование, да поседуваат високи морални и професионални квалитети, да се почитувани во средината каде што живеат и работат.
„Да се со силен интегритет и отпорни на коруптивни влијанија, да поседуваат вештини, да можат да мотивираат и поттикнуваат на акција и работа. Да ги познаваат проблемите во општината и потребите на граѓаните. Да ги прифатат основните идејни и програмски определби на Демократскиот сојуз. Да соработуваат со носителот на советничката листа и останатите кандидати за советници, и истата да ја поддржат во изборната кампања“, истакна Димитровски.
Програмата треба да почнат да ја подготвуваат од денот на прифаќање на кандидатурата и истата треба да биде подготвена најдоцна до крајот на август 2021 година.