Изненадувањето на колото пристигнува од Шпанија, односно од „белиот“ дел на престолнината.
Леванте на гостински терен го совлада актуелниот шампион Реал Мадрид со 1:2 и ја продолжи мизеријата на екипата на Зинадин Зидан.
Победничкиот погодок за клубот од Валенсија го постигна Роџер Марти токму по асистенција на нашиот репрезентативец, Енис Барди. Барди во купот против Ваљадолид за првпат се врати на терените од ноември и веднаш се запиша во листата на стрелците, а денес со успешното додавање за Марти додаде уште една асистенција на свое конто.
https://www.youtube.com/watch?v=il_JRMWd6-g
„Кралевите“ уште во деветтата минута останаа со играч помалку по исклучувањето на Едер Милитао, но тоа не го спречи Марко Асенсио да го отвори резултатот за домаќините четири минути подоцна.
Џуниор Моралес во 32-тата изедначи и на полувреме го одведе Леванте со 1:1. Средината на второто полувреме на гледачите им донесе нови возбудувања. Главниот арбитар санкционираше фаул во шеснаесетникот, а обидот на Роџер Марти беше осуетен од чуварот на мрежата на Реал, Тибо Куртоа. Сепак Куртоа не можеше целосно да го одбрани голот и во 78-тата минута остана „нем“ при шутот на Мартин. Енис Барди од десната страна одлично го пронајде напаѓачот на Леванте, па така овој се искупи за ударот од 11 метри и го освои целиот плен.
Поразот на мадриѓаните ги оддалечи од првата позиција цели седум поени во однос на градскиот ривал Атлетико кој има и два натпревари помалку.