Намалување на корупцијата, поддршка на младите и зголемување на конкурентноста преку раст на продуктивноста и интеграцијата кон евроатланските и регионални пазари, беа дел од темите за кои разменија мислења министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.
На средбата Бесими – Брнз, како што соопшти Министерството за финансии, присуствувал и директорот на УСАИД во земјава, Ерик Јановски.
-На средбата беше претставена реформската агенда на Министерството за финанисии, која се заснова на економското заздравување, Програмата за управување со реформите во јавните финансии – ПФМ, либерализацијата и развојот на финансиските пазари и борбата против сивата економија. Притоа беше презентирана Стратегијата за паметен раст (Smarter Growth) како и столбовите врз кои темели, односно заздравување од ковид-кризата, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инвестиции во човечки капитал, стои во соопштението.
Бесими посочил дека е направен единствен и сеопфатен план на капитални инвестиции кои се од стратешко значење на среден рок, како и дека се преземаат мерки во насока на подобрување на реализацијата на истите. Понатаму, од неговата страна беше истакната заложбата за фискална консолидација на среден рок, односно постепено намалување на јазот помеѓу приходната и расходната страна во Буџетот, во насока на одржување на стабилноста во јавните финансии.
На средбата станало збор и за Договорот за партнерство со САД.
МИА