Во Косово се регистрирани три случаи на заразување со новата варијанта на коронавирусот, потврди косовскиот министер за здравство Арменд Земај, пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Земај на прес-конференција соопшти дека Националниот институт за јавно здравје на Косово во претходните денови испрати 30 примероци на тестирање за добротворна вирусологија во Берлин во Германија, за да се истражи присуството на новите варијанти на вирусот SARS-COV-2 во Косово, откако оваа варијанта се појави во повеќе од 70 земји од светот.
„Резултатите од овие анализи извршени во Берлин покажаа дека три примероци се позитивни во прелиминарниот тест како SARS-CoV-2 со вријанта B.1.1.7. Оваа варијанта прв пат е пријавена на 14 декември 2020 година во Велика Британија”, рече Земај.
Тој потсети дека по извештајот за појава на оваа нова варијанта на вирус во Англија, Косово ги запре летовите со оваа држава, така да немало летови на релација Приштина-Лондон.
Министерот Земај нагласи дека епидемиолошката ситуација во Косово е под постојан надзор и дека како резултат на намалувањето на бројот на заразени во некои општини, од денес е извршена нова категоризација на општини врз основа на бројот на случаеви во рок од 7 дена до 100.000 жители.
„Како резултат на подобрата епидемиолошка ситуација во некои општини, општините Подујево, Северна Митровица, Јужна Митровица, Звечан и Гњилане излегуваат од црвената во жолтата зона. Приштина и Косово Поле остануваат во црвената зона”, рече Земај.
Во црвената зона се општините со висок ризик кои имаат повеќе од 150 заразени на 100.000 жители и во нив движењето на граѓаните е дозволено до 21.30 часот, а угостителските и другите деловни објекти работат само до 21 час.
Во општините со помал и среден ризик на угостителските објекти им е дозволено да работат до 22 часот, но нема забрана на движење за граѓаните.
Од почетокот на епидемијата тестирани се 229.408 лица, од кои 59.646 биле позитивни на коронавирусот, а бројката на смртни случаи е 1.487. Вкупната бројка на излекувани лица од Ковид-19 во Косово изнесува 51.948 лица. Моментално има 6.211 активни случаи на овој вирус.