Македонската страна во преговорите со Бугарија не смее никако и под ниедни услови да прифати дека Гоце Делчев бил Бугарин, бидејќи такво нешто ќе ја срози македонската државност и ќе покаже огромна слабост пред светот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју” на Канал 5 телевизија.
– Треба сите да сме свесни дека врз името на Гоце Делчев, Груев, Питу Гули и останатите, ние всушност изградивме држава. Името и земјата се темелат врз тие постулати. Македонската страна мора да ги запази тие моменти и не е важно дали ќе имаат притисоци од внатре во државата или пак од некој друг, тоа не смеат да го дозволат, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека доколку нему на маса некој ми даде предлог да прифати дека Делчев бил Бугарин, би направил дипломатски скандал од светски размери.
– Тоа е нешто незамисливо и сметам дека не смее да постои таков човек кој би го прифатил тоа, истакна Мицкоски.
Говорајќи за преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, Мицкоски рече дека Владата уште од 2018 година тврди дека „на секои три месеци добиваме датум за почеток на преговорите, а датумот се уште го нема”.
– На патот кон ЕУ, Република Македонија и Владата мора да направат уште многу нешта и да почнат да размислуваат чесно и европски, изјави Мицкоски.
Според него, државата „доживува колапс од секаков аспект”, а Владата не само што не реагира и не ги спречува тие работи, туку дури му даваат ветер во грб.
– А реалноста е нешто сосема друго, граѓаните живеат тежок живот без перспектива и спасот го наоѓаат надвор од државата. Тоа значи дека Македонија не само што не ја донела ЕУ тука и да бидеме членка на истата, туку ги губи сопствените граѓани низ белиот свет, додаде Мицкоски.