Кривична пријава за правен субјект од Крушевско и за неговиот управител – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/21 8:03 PM

Кривична пријава за правен субјект од Крушевско и за неговиот управител

Денеска од страна на ОВР Прилеп до надлежното ОЈО Прилеп е поднесена кривична пријава, поради постоење на основи на сомневање дека лицето К.Б.(36) од Скопје,  управител на правниот субјект за вршење на дејност производство на маслени екстракти од канабис за медицински цели – подружница во с.Алданци, крушевско, по чл.95-в ст.2 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, како и против правното лице, по чл 95-в ст.1 од истиот закон.

Имено, врз основа на претходно добиени сознанија дека во правниот субјект се врши дејност одгледување на растенија канабис, спротивно на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, на 20.12.2020 од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и членови на владина Комисија за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на медицински канабис, бил извршен вонреден инспекциски надзор и увид во правниот субјект, при што било констатирано дека во правниот субјект биле засадени растенија канабис во различна вегетативна фаза за кои не е затекната документација за евиденција.

На 12.01.2021, со цел обезбедување на докази дека постојат основи на сомнение дека во правниот субјект се постапува спротивно на законските одредби од Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци и се одгледува канабис без соодветна евиденција, по дадени насоки од Комисијата, сите простории на правниот субјект се пломбирани и изречена е забрана за вршење какви било активности во однос на одгледување на канабис за медицински цели.
Од страна на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи во координација со ОВР Прилеп на 26.01.2021, врз основа на претходно издадена судска наредба од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Прилеп, бил извршен претрес во правниот субјект во с. Алданци, крушевско, во присуство на управителот К.Б..

При претресот, од правниот субјект се одземени 18.301 растенија канабис кои биле спакувани во 247 вреќи, компјутерска опрема и документација поврзана со работењето на правниот субјект. Ден претходно врз основа на наредба од Судија на претходна постапка издадена од Основен кривичен суд Скопје 1 извршен е претрес и во седиштето на правниот субјект во Скопје, при што е одземена документација и компјутерска опрема, поврзана со работењето на правниот субјект, соопштуваат од МВР.