Актуелниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, нема да се кандидира на претстојните локални избори што ќе се одржат на есен. Тој беше дециден на денешната прес конференција, во одговорот на новинарското прашање.
„Категорично велам не. Јас и за овој мандат не бев заинтересиран и не бев кандидат, од здравствени причини, но анкетите покажаа дека уживав голема поддршка кај граѓаните на Велес, значи бев добитна комбинација и прифатив да бидам кандидат. Сега воопшто не размислувам и за таа тема. Сакам чесно и одговорно да си го изработам мандатот и препуштам можност на други да се подготвуваат за кандидати и да бидат добри градоначалници“, рече градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
Ова е трет градоначалнички мандат на Аце Коцевски. Првиот го доби во 2000 година и вториот пет години подоцна, што значи дека победуваше во два последователни циклуси на избори за прв велешанец. По 13 години ќе си замине од функцијата што смета дека треба да ја добијат помлади и исто така одговорни политичари.
Иако локалните избори ќе се одржат наесен во градот веќе се слушаат првично имиња на можни наследници на Коцевски. Од редовите на владејачката коалиција предводена од СДСМ многу често се спомнуваат имињата на: Марјанчо Николовски, Игор Андреев како и Кире Гајдов од НСДП, актуелен Претседател на Советот на Општина Велес, додека Марко Колев е најчесто спомнуваното име од опозициската коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Стефани Манева