Сојузот на средношколци и нејзиниот претседател Бленди Ходаи во име на генерацијата матуранти 2020/2021 вчера до пратениците по електронска пошта доставил писмо со барање за поддршка да полагаат два наместо четири предмети на државната матура, бидејќи Министерството за образование и наука, како што е наведено во нивното писмо – ги игнорира и е децидно во одбивањето на каков било компромис по ова прашање.
Доколку МОН не покаже добра волја, од пратениците Сојузот бара измени на Законот за средно образование што, како што наведува во упатеното писмо, е последниот демократски чекор, а во тој дополнет Закон „јасно ќе биде наведено дека одредбите се привремени, т.е. се однесуваат само за учебната 2020/2021 година“.
„Министерката Царовска е категорична дека државната матура треба да содржи четири предмети. Поради тоа, од вас како директни преставници на граѓаните и, пред сè, контролори на извршната власт бараме јавна поддршка за нашите барања и повикувања кон МОН нив да ги исполни; користење на вашето влијание како државни службеници за МОН конечно да се вразуми; и доколку Министерството не покаже добра волја и продолжи со својот безобѕирен однос – изготвување и донесување на законско решение кое ќе ги вклучи нашите барања. Ако дури и Вашата поддршка се покаже како залудна, единственото преостаното решение е Собранието да го измени Законот за средно образование, којшто МОН мора да го почитува, пишува во писмото кое Сојузот на средношколците и нивниот претседател Ходаи го доставиле до 85 пратеници односно до оние кои на официјалната страница на Собранието имаат наведено контакти по електронска пошта.
Заради исполнување на барањето, матурантите организирани од Средношколски сојуз минатиот четврток, првиот ден од второто полугодие, почнаа бојкот на наставата, најавувајќи дека ќе трае една недела и потоа ќе одлучат што понатаму. Претседателот на Сојузот Бленди Ходаи за МИА изјави дека бојкотот денеска го завршуваат, а утре ќе одлучат за следните чекори, односно дали ќе се вратат на онлајн-настава од понеделник. Можно е да се иницира и собраниска дебата за нивното барање.
„Претставници од матурантите во Сојузот утре ќе одлучуваме што ќе правиме од наредната недела. Осум дена бевме во бојкот и ќе одлучиме што е подобро за матурантите. Многу од нив се изнервирани од случувањата помеѓу Сојузот и МОН. Можеби ќе има порадикален чекор, како протест или слично, или ќе одлучиме да престанеме со бојкотот и да се вклучиме во наставата. Сè уште не се знае, ќе дискутираме утре и ќе се гласа што ќе се прави. Од разговори што вчера ги имав со неколку пратеници во Собрание, има индиции дека во понеделник може да се иницира дебата во Собранието. Така што, ќе видиме и пратениците дали и што ќе направат во наредните денови“, изјави денеска Ходаи.
Според него, се бојкотира во 20 градови. Пред два дена имале бојкот од 79 проценти, вчера 76 отсто и, за разлика од другите градови, како што рече, во Скопје се бојкотира делумно – во некои средни училишта има настава, а во други се бојкотира.
Со ресорната министерка, рече Ходаи, немале контакт од 20 јануари, односно ден пред да го почнат бојкотот.
Во упатеното писмо до пратениците за поддршка на нивното барање да полагаат два предмета – мајчин јазик (македонски, албански или турски) и втор предмет од областа која матурантит планира да ја студира, Сојузот истакнува дека е целосно разумно и изводливо и смета дека нашето општество не смее да ги игнорира последиците на неквалитетната настава на далечина.
„Дури и кога наставата од далечина би била беспрекорна, интеракцијата меѓу матурантите и професорите e значително намалена. Исто така, младите се гневни бидејќи генерацијата пред нив не полагаше матура, а продолжи во високото образование, та зошто би било поразлично за нив? Токму затоа нашите барања имаат за цел да произведат позитивен исход врз сите засегнати страни, пишува во писмото.
Сојузот на средношколци во писмото истакнува дека целосно ја разбира потребата од државна матура, но дека, сепак, пандемијата покажа дека образованието може да функционира и без нејзино одржување, притоа повикувајќи се на Уредбата со законска сила на Владата од мај 2020 година, со која матурантите од минатата учебна година беа ослободени од овој завршен испит поради, како што стои во нивното писмо „неподготвеноста на образовниот систем да организира толкав потфат и неискусноста на општеството со наставата од далечина“.
Посочувајќи ја како пример Франција која, како што вели, реши нејзините ученици да полагаат само еден испит по нивни избор, Сојузот посочува дека ја модифицираше одредбата за да биде испочитуван Уставот, односно задолжителното континуирано изучување на мајчиниот јазик, а матурантите сами да го изберат вториот испит според своите планови за студирање и побара МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март 2021 да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.